СМО: Озонската дупка во 2025 година беше една од најмалите во последните децении
СМО ја поврзува поправката на озонот со Монтреалскиот протокол, но предупредува дека зголеменото УВ во Европа е проблем.

Светската метеоролошка организација (СМО) соопшти дека озонската дупка во 2025 година беше една од најмалите забележани во последните децении, при што и површината и длабочината беа значително помали отколку во претходниот период.
Според агенцијата, ова е втора година по ред во која и големината и длабочината на озонската дупка се значително под просекот за периодот 1990–2010 година. Минатогодишната озонска дупка беше забележана како четврта или петта најмала од 1992 година, кога првпат беа регистрирани сериозни обрасци на осиромашување на озонот.
Научниците од СМО укажуваат дека природните атмосферски појави предизвикуваат годишни варијации, но како клучен фактор го наведуваат долгорочното намалување на употребата на вештачки супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка — особено хлорофлуоројаглеродите (ЦФЦ), познати и како фреони.
Генералниот секретар на СМО, Селесте Сауло, изјави: "Озонската обвивка се обновува уште од 2000 година и можеме да очекуваме нејзино целосно закрепнување во рок од неколку децении."
Зголеменото УВ‑зрачење и здравствените ризици
И покрај трендот на закрепнување, СМО предупреди дека потенок слој на озон дозволува поголемо количество штетно ултравиолетово (УВ) зрачење да допре до површината. Во делови од Европа, нивата на УВ‑зрачење се зголемени за дури 20 отсто од средината на 1990‑тите, наведуваат од агенцијата.
Мерењата спроведени на земјата покажале дека ова зголемување во голема мера се должи на намалувањето на облачноста и на продолжениот годишен период на сончево зрачење, што заедно доведува до повеќе сончева енергија која допира до луѓето и екосистемите. Поголемата изложеност на УВ го зголемува ризикот од оштетување на кожата, рак на кожата и катаракта, поради што СМО апелира за насочени мерки за заштита.
Во извештајот се истакнуваат и правните мерки што придонесоа за закрепнувањето: Виенската конвенција за заштита на озонската обвивка од 1985 година и подоцнежниот Монтреалски протокол. Според СМО, овие политики доведоа до постепено укинување на повеќе од 99 проценти од регулираните супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка, супстанци кои некогаш се користеле во фрижидери, клима‑уреди, пени за гаснење пожар и лакови за коса.
Фото: Принтскрин/Икс


