Судење за „Пулс“: Јованов не ја покажа лиценцата, пристапот до објектот бил блокиран
Инспекторката сведочеше дека ноќните контроли во 2022–2023 откриле дека лиценцата не била прикажана и дека улицата пред објектот била под блокада од паркирани возила.

На судењето за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, самостојниот инспектор од Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, сведочеше дека сопственикот, Дејан Јованов, за време на контрола во 2023 година не ја покажал лиценцата за работа, а пристапот до објектот бил практично оневозможен поради паркирани возила.
Симеонова, која го даде сведочењето при директното испитување на Обвинителството, посочи дека е вработена во Министерството за внатрешни работи од 2001 година и дека во 2022 и 2023 година постојано извршувала работни задачи како инспектор за странци, и во канцеларија и на терен.
Таа детално објасни како се организираат и спроведуваат проверките и кога постои соработка со други служби. Во нејзиното сведочење беше појаснето дека постои разлика помеѓу дејствување по Законот за странци и акции по оперативни планови, кога во изведбата учествуваат и други инспекции и полиција.
„Кога работиме во нашиот дел, по Законот за странци, работата може да биде единечна и во тој случај постапуваме само инспекторите за странци. Кога работиме по оперативни планови, анекс-планови од МВР-БЈБ, тоа значи дека имаме заеднички акции со останатите инспекторати, со колеги од МВР, со Пазарна инспекција, Труд и социјала и други потребни инспектори кои се опфатени во тој оперативен план, зависно од потребите“, рече Симеонова.
Според неа, проверките во општина Кочани најчесто се вршеле во угостителски објекти, хотели, мотели и апартмани со сместувачки капацитети, со цел да се открие нерегуларен и незаконит престој на странци. За „Пулс“ таа потврди дека контроли имало неколку пати во 2022 и 2023 година, секогаш во рамките на нејзината надлежност, и по секоја контрола бил изработуван извештај кој бил доставуван до Регионалниот центар.
Контролите, рече Симеонова, се одвивале во ноќните часови — првично од 22 до 3 часот, а подоцна од 23 до 4 часот. Таа го опиша и сообраќајниот метеж што владеел околу објектот во тие моменти.
„Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот којшто се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила“, сведочеше инспекторката.
Во судот Симеонова рече дека лиценцата за работа била побарана во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план, но дека сопственикот не ја покажал. Таа го пренесе објаснувањето на Јованов дека е „многу доцна да го бара книговодителот“ и дека ќе ја донел лиценцата во понеделник; дека, според него, документите за обновување биле поднесени во Скопје пред 15 дена и дека лиценцата имала важност до 31 март 2023 година. Сите тие податоци, рече Симеонова, биле нотирани во извештајот таа вечер.
Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување нови сведоци и изведување материјални докази предложени од Обвинителството.
Фото: прес-материјал од настанот


