Сведочење: Јованов не ја дал на увид лиценцата, пристапот до „Пулс“ бил блокиран со возила
На судењето за пожарот во „Пулс“ инспекторката рече дека при контроли во 2022/2023 сопственикот не ги покажал документите, а улицата била исполнета со паркирани возила.

Самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток - Делчево, Деспина Симеонова, денеска на судењето за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“ сведочеше дека сопственикот не им ја дал на увид лиценцата за работа при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран со паркирани возила.
Што кажа сведокот
Симеонова рече дека е вработена во Министерството за внатрешни работи од 2001 година и дека во 2022 и 2023 година континуирано извршувала работни задачи како инспектор за странци, вклучувајќи канцелариска и теренска работа. Таа појасни дека проверките во Општина Кочани главно биле насочени кон угостителски објекти, хотели, мотели, ноќевалишта и апартмани со цел откривање нерегуларен и незаконит престој на странци.
За начинот на организирање на акциите, сведокот истакна дека кога постапуваат според Законот за странците, инспекторите за странци дејствуваат самостојно, додека при изведување на оперативни планови се вршат заеднички акции со други инспекторати и институции.
„Кога работиме во нашиот дел, според Законот за странците, работата може да биде единечна и во тој случај постапуваме само инспекторите за странци. Кога работиме според оперативни планови, анекс-планови од МВР - БЈБ, тоа значи дека имаме заеднички акции со другите инспекторати, со колеги од МВР, со Пазарната инспекција, Труд и социјала и други потребни инспектори, кои се опфатени во тој оперативен план во зависност од потребите,“ рече Симеонова.
Таа потврди дека контроли во кабарето „Пулс“ биле извршувани повеќе пати во периодот 2022–2023 и дека по секоја контрола бил подготвен извештај доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток. Контролите, според неа, се одвивале во ноќните часови — првично од 22 до 3 часот, а подоцна од 23 до 4 часот.
За сообраќајниот пристап до објектот, Симеонова сведочеше дека поминувањето било невозможно поради паркирани возила: „Хаос е, со еден збор - не се поминува. Паркингот што се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила.“
Инспекторката опиша и како била побарана лиценцата за работа: „На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник. Тврдеше дека ги има поднесено документите за обновување на лиценцата за работа пред 15 дена во Скопје и тврдеше во тој момент дека лиценцата има важност до 31 март 2023 година. Од моја страна и од страна на колегата тоа беше нотирано во извештајот таа вечер,“ сведочеше Симеонова.
Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и со изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.
Фото: прес-материјал од настанот


