Света Текла: Утре, 7 октомври, ден посветен на жените и исцелението
7 октомври е денот посветен на света Текла, симбол на девственост, чуда и застапништво за жените.

Утре, 7 октомври, православниот календар го одбележува споменот на света Текла — една од најзначајните жени од раното христијанство чиј живот стана симбол на духовна цврстина, девственост и верност кон Христос.
Живот, страдања и чуда
Според преданијата, Текла е родена во Иконија во угледно, но незнабожечко семејство и била свршена на осумнаесет години. Кога апостол Павле пристигнал во градот, таа три дена и три ноќи го слушала неговото слово и, зафатена од неговото учење, се заветила на живот во девственост. Како што напишал свети Јован Златоуст: „Ми изгледа дека ја гледам оваа блажена дева како Му принесува на Господа со едната рака девство, а со другата рака мачеништво.“
Нејзината одлука го разгневила нејзината мајка — првин ја советувала, потоа ја мачела со глад, а на крајот ја предала на судот барајќи ја нејзината смрт во оган. По Божја промисла, огнот не ѝ наштетил.
Подоцна Текла го следела апостол Павле до Антиохија. Поради својата надворешна убавина и одбивање на туѓите страсти била пријавена како христијанка и осудена на смрт пред ѕверови. Ниту еден ѕвер не се допрел до неа; кога кнезот ја прашал каква сила ја штити, таа одговорила: „Служителка сум на живиот Бог“. По ослободувањето, таа продолжила да проповеда и да привлекува многумина кон верата.
Последните години ги поминала во пустината близу Селевкија, подвизувајќи се и исцелувајќи болни. Кога злонамерни луѓе се обиделе да ја нападнат за да ја лишат од девственоста, таа се помолила пред една карпа која се распукала и ја скрила — таа карпа ѝ било и скривалиште и гроб, според преданието.
Света Текла се смета за заштитничка на жените и девојките. Верниците ѝ се молат за исцелување од тешки болести, особено кожни заболувања и изгореници, потсетувајќи се на нејзиното чудесно спасување од огнот. Народните обичаи за нејзиниот ден вклучуваат започнување на зимските рачни работи и ткаење; денот се поминува во молитва, милосрђе и мир, избегнувајќи семејни расправии, грубост и омраза.
Фото: прес-материјал од настанот


