Талис Линкаитс: Решение за камионџиите само преку билатерални договори со земји од ЕУ
Директорот на Постојаниот секретаријат вели дека поединечни договори за долгорочни визи со членки на ЕУ се најреална опција на краток рок.

Директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Талис Линкаитс, од Жабљак, Црна Гора, на Третата министерска средба за зелената агенда на државите од Западен Балкан порача дека билатерални договори меѓу земјите од регионот и поединечни членки на ЕУ се единственото практично решение на краток рок за проблемите кои предизвикаа протест на камионџиите.
Конфликтот избувна по воведувањето на електронскиот систем за евиденција во земјите од шенген-зоната, по што во април камионџиите од Западен Балкан блокираа граници кон ЕУ.
Билатерални визи за да остане трговијата
„Има многу различни предлози на маса, но сè зависи од членките на ЕУ дали ќе се согласат на овие правила. Како што реков, итно или краткорочно решение е да се разговара билатерално со соседните држави или меѓудржавно, кои сакаат да се осигураат камионџиите да добијат долгорочни визи, барем билатерално, за да се овозможи најголемиот дел од трговијата меѓу државите“, вели Линкаитс.
Возачите од регионот се противат на правилото согласно кое престојот во земјите на ЕУ е ограничен на 90 денови во 180-дневен период, и истакнуваат дека не се туристи туку професионалци чија заработувачка станува неисплатлива ако не можат да работат половина од времето.
Ново блокирање беше закажано за 14 септември во Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но протестот беше откажан за да не се наруши синџирот на снабдување и како гест на добра волја.
Иако регионот се надева на решавање со новата визна стратегија на ЕУ, предвидена да биде донесена до крајот на наредната година, министерот Александар Николоски изјави дека постојат членки на ЕУ кои се противат на заедничко решение за сите земји. Македонија веќе има билатерални договори со Хрватска, Романија и Швајцарија, а се преговара и со Австрија, Германија, Унгарија и Словенија за издавање долгорочни визи на превозниците.
Фото: прес-материјал од настанот


