Томас Вајц: Борбата против корупцијата не е само услов за ЕУ, туку инвестиција во иднината
Европратеникот повика на продолжување на судските реформи и предупреди дека слабата доверба ги поттикнува младите да заминат.

Европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, на првата сесија на Мешовиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија во Собранието рече дека борбата против корупцијата треба да се гледа како вложување во довербата на граѓаните и во иднината на државата, а не само како формален услов за членство во ЕУ.
Вајц предупреди дека недостатокот на доверба во институциите и судството ја поттикнува иселбата и ја намалува способноста на државата да ги задржи своите млади и квалификувани граѓани.
Користејќи го примерот на Австрија, тој посочи дека корупцијата постои и во земјите‑членки на ЕУ, но дека разликата е во начинот на кој институциите реагираат и одговараат.
„Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат“
„Сите земји членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. Ние се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики и меѓу нас. Во разни земји‑членки има различно ниво на корупција. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор“, рече Вајц, додавајќи дека апсењето и гонењето на одговорните веднаш ја зголемило довербата на граѓаните во институциите.
Во контекст на Реформската агенда, тој побара продолжување на унапредувањето на правосудниот систем и измените во Кривичниот законик за да земјата може да ги искористи средствата од европските механизми за поддршка. „Ако една држава не ги спроведе реформите на време, тие пари одат на соседните земји. Колку што сум информиран, имате реална шанса да добиете значителни дополнителни средства, можеби 70-80 милиони евра. Но, не се работи само за парите. Треба да им служите на граѓаните со систем кој не само што е ефикасен, туку и создава доверба кај населението“, рече Вајц.
Евроамбасадорот Михалис Рокас го поздрави усогласувањето на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и нејзината активна улога во НАТО. Ирскиот амбасадор Брендан Вард ја опиша проширувањето како витална геостратешка инвестиција и ги повика политичките партии да работат кон меѓупартиски консензус. Рокас посочи дека за отворање на преговорите по кластерот „Темели“ се потребни дополнителни чекори, вклучително и внесување на Бугарите во Уставот и поддршка од Собранието.
Фото: МИА


