Томас Вајц: Северна Македонија е една од најубавите земји, но прилагодувањето е итно
На 25. Мешовит комитет вајц повика на промоција на парковите и побрзи мерки за климата

Европратеникот и постојан известувач за земјата, Томас Вајц, одржа порака за побрзо прилагодување на климатските промени и за промоција на природните вредности на државата на втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, на тема животна средина.
„Ефектите од глобалното затоплување нè погодуваат сите еднакво, а тоа особено се чувствува во земјоделството. Во ЕУ годинава имавме топлотен бран, голема суша и шумски пожари. Ќе речете, да, познато ни е тоа, редовно е овде. Но, за многу наши земји ова беше нешто ново. Шумски пожари во Белгија, на австриските Алпи, тоа е нешто ново - изјави европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјата, Томас Вајц, на втората сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија, на тема животна средина.
„Може да зборуваме за ограничување емисии на јаглероден диоксид, но веќе го надминавме оној 1,5 Целзиусов степен, што го потпишавме во Париз. Тој воз замина. Не го задоволивме тој праг и таа борба повеќе нема да ја добиеме. И треба да се бориме за секоја десетинка од степен незатоплување и треба да се приспособиме на новата реалност - рече Вајц.
Тој потенцираше и човечкиот аспект од последиците: „Во минатото имавме само по еден ден над 40 степени, оваа година тоа беа шест дена. Ситуацијата ескалира и политичарите треба да се свесни, да сме свесни дека треба да ги подготвиме општествата, градовите, земјоделството, сообраќајот. И во Австрија, која е доста организирана во однос на железницата, возовите не возеа бидејќи инфраструктурата не беше подготвена за 42 степени. За жал, тоа е реалноста што ни се случува - рече Вајц.
Рекламирање на туризмот и рударството
Вајц посочи дека земјата мора да ги искористи природните вредности и да ја интензивира промоцијата: „Ако видеме како Црна Гора и Албанија го развиваат природниот туризам, ќе видите дека ги имате сите предуслови. Северна Македонија е една од најубавите земји што ги имам посетено. Сум бил да планинарам на Пелистер, на Галичица, сум бил во Маврово, на Шара и ви честитам дека имате три национални парка. Колку луѓе знаат за тоа? Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате. Земјата ви е полна со природни убавини, што претставува и економска можност за целото население, особено за локалното - рече Вајц.
Во однос на рударството, тој оцени дека се потребни суровини, но тоа не смее да доведе до поголема штета отколку корист; постојат и модерни, поеколошки методи, но тие се поскапи.
Пратеничката од ВМРО‑ДПМНЕ, Драгана Арсова, го оцени напредокот во законодавството и институционалните капацитети на земјата. „Во изминатиот период постигнат е напредок во усогласувањето на законодавството со европското во климатското управување, мониторингот, заштитата на природата, но и во зајакнувањето на институционалните капацитети. Особено значајно е што воспоставивме посебен сектор за климатска акција и тоа е јасен показател дека климатската политика добива сè поголемо институционално значење. Понатамошното зајакнување на техничките и инспекциските капацитети, особено на локално ниво, останува наш приоритет - рече таа.
Таа посочи дека новиот Закон за инспекцискиот надзор, кој стапи во сила во јануари 2026 година, е дополнително позитивна работа, со што и контролата на терен е дополнително засилена, при што само во 2025 биле спроведени 1.772 инспекциски надзори, при што биле утврдени 530 неправилности.
„Подготвени се и ажурирани инвентари и проекции на емисиите за 2025 и 2030 година и се доставени до Европската агенција за животна средина и до Економската комисија на ОН за Европа. Тоа покажува дека нашите политики сè повеќе се темелат на податоци, мерливи показатели, што е особено важно во процесот на усогласување со европските стандарди,“ истакна таа, додавајќи дека во јули 2026 година мрежата за следење на квалитетот на воздухот е проширена со автоматска мерна станица во Штип и дека вкупниот број станици достигнал 23.
Арсова исто така наведе напредок во управувањето со отпадот, поддржан со средства од ЕУ и меѓународни партнери, при што се работи на сортирање, рециклирање, компостирање и затворање на несоодветни депонии. Таа посочи дека се идентификувани 24 потенцијални подрачја за идната мрежа „Натура 2000“, кои опфаќаат околу 12 проценти од територијата, и дека Владата го усвои предлог‑законот за климатска акција и го достави на мислење на Венециската комисија.
Фото: прес-материјал од настанот


