Тошковски: Борбата против дрогата не завршува со заплена, мора да се следат и финансиските текови
По средбата со Данило Рици, Тошковски најави четиридневна обука во Полициската академија за финансиски истраги и одземање имот.

Целта не е само да ја откриеме дрогата и сторителите, туку да се следат парите и да се одземе имотот стекнат со криминал, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по средбата со регионалниот претставник на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за Југоисточна Европа, Данило Рици.
На средбата биле разгледани можностите за унапредување на пристапот во справувањето со проблемот со дрогата преку користење на меѓународни искуства, експертска поддршка и координирано делување на институциите.
-Борбата против недозволената трговија со дрога бара силни институции, добро обучени полициски службеници и истражители и современи истражни капацитети. За нас е значајна соработката со UNODC, особено во делот на истрагите, финансиските текови поврзани со криминалот и одземањето на незаконски стекнатиот имот, истакнал Тошковски.
Практична обука и поддршка
Во таа насока, беше нагласена и поддршката што UNODC, во партнерство со Амбасадата на САД, ја обезбедува за спроведувањето на Националната стратегија за дроги. Во наредните четири дена во Полициската академија ќе се спроведе специјализирана обука за истраги поврзани со дрога, со акцент на финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.
Регионалниот претставник на UNODC, Данило Рици, ги претставил тековните проектни активности на организацијата и го оценил Министерството за внатрешни работи како значаен и кредибилен партнер во реализацијата на заедничките проекти во регионот.
Фото: прес-материјал од настанот


