Тројца нови сомнителни пациенти за западнонилска треска хоспитализирани во Скопје
Сите три нови пациенти се над 60 години и од Скопје; по налог на Министерството за здравство во Драчево извршена ноќна адултицидна дезинсекција.

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца нови пациенти со воспаление на мозокот кои се сомнителни на западнонилска треска, но конечните лабораториски резултати за причинителот се уште се очекуваат.
Пациентите се над 60 години и сите се од Скопје. Од клиниката информираат дека останатите 10 хоспитализирани пациенти се во иста општа состојба.
Од хоспитализираните, тројца се критични и се на одделението за интензивно лекување, додека останатите се на одделот за невроинфекции.
Надзор и дополнителна дезинсекција
Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручна проценка на ризикот, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје–Скопје да спроведе дополнителна адултицидна дезинсекција против комарци.
Вонреден третман беше изведен во текот на ноќта во Драчево како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.
Според информации од здравствените власти, половина од заболените од западнонилска треска се од Драчево.
Фото: прес-материјал од настанот