Трошоците на земјоделците растат, но не и цените на плодовите што ги произведуваат
Државните податоци покажуваат раст на влезните трошоци во јули, а земјоделците бараат интервенции за да им се заштити приходот.

Влезните трошоци во земјоделството растат, додека просечните цени по кои земјоделците ги продаваат своите производи паѓаат — порачуваат производителите и ги потврдуваат статистичките податоци.
Државниот завод за статистика пресмета дека во јули влезните трошоци на земјоделците се зголемиле за 4,1%, додека излезните цени се намалиле за 5,5%.
Засегнатите велат дека таквата состојба ја прави економијата на бавџијата тешка за одржување. „Хербициди, пестициди, фунгициди, тоа се од оние препарати кои ги прскаме, значи семињата… Една семка домат од 6 денари отиде на 9,5 денари. Едно семче. Значи да не зборуваме другите работи. Најлонот, полиетиленското платно од 200 денари сега е 300. Горивото да не зборуваме, од 70 денари сега е 100. Значи, тие се инпутите кои секојдневно на нас ни создаваат трошок“, вели претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ), Драги Памуков.
Пазарна нерамнотежа меѓу влезни и излезни цени
Памуков, кој обработува хектар и пол градинарски култури, вели дека буквално сите инпути поскапеле и дека според неговото искуство влезните цени секоја година во просек растат по 2–3%, додека просечната цена по која се откупуваат производите од производителите опаѓа.
„За жал, овие се некои инпути кај што и ние не можеме да издржиме вака со овие цени: доматот 20 денари, краставицата 30 денари, модриот патлиџан 10 денари, пиперката 40 денари, лутото пиперче феферонката 20 денари. Да не ги набројувам уште. Компирот да не зборувам. Значи, во градинарскиот сектор оваа година беше една од најлошите економски“, додава Памуков.
Еден од предлозите што ги предлага е државата да ги провери маржите на увозниците на семенски материјал и препарати за заштита и прихрана на растенијата и евентуално да интервенира со ограничување на маржата, слично на мерката што беше донесена напролет за ѓубривата.
Производителите предупредуваат дека доколку не се преземат мерки, разликата меѓу растечките трошоци и опаѓачките откупни цени ќе продолжи да ги еродира приходите на фармите и да ја загрози домашната понуда во текот на главната сезона за производство.
Фото: прес-материјал од настанот