Универзитетската клиника за психијатрија: 10 октомври — барање помош не е слабост
Клиниката и Комората повикуваат на разменување искуства, подостапни услуги и секојдневна грижа за менталното здравје.

Универзитетската клиника за психијатрија денеска ја одбележуваше Светскиот ден на менталното здравје — 10 октомври — повикувајќи на поголемо внимание, слушање и поддршка за лицата кои живеат со ментални потешкотии.
Годинава кампањата се одвива под мотото „Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“. Клиниката информира дека активностите ќе продолжат и по денот на одбележувањето со цел искуствата на луѓето да се третираат како валидно и важно знаење.
„Во време кога депресијата, анксиозноста и останатите ментални потешкотии се во пораст, сметаме дека од исклучителна важност е да се разбие стигмата и да се испрати пораката дека барањето помош не е слабост", наведуваат од Универзитетската клиника за психијатрија.
Комората на психолози апелира до институциите и носителите на одлуки да посветат момент за да размислат за менталното здравје и да постават прашањето „како си, навистина?“ Комората нагласува дека грижата за менталното здравје не треба да биде само реакција во криза, туку секојдневна задача во семејството, образованието, работното опкружување и здравствениот систем.
Двете институции укажуваат дека зад видливото функционирање често се кријат замор, исцрпеност и лични борби кои остануваат незабележани, поради што е неопходно општеството да обезбеди навремена поддршка. Комората апелира до креаторите на политики да обезбедат подостапни услуги, превентивни програми и доволен број стручни лица, а до образовните установи да посветат повеќе внимание на психолошката благосостојба на децата и младите.
Клиниката додаде дека кампањата ќе продолжи во наредниот период и дека главната цел е гласовите на луѓето со ментални потешкотии да бидат чуени и нивните искуства почитувани.
Фото: прес-материјал од настанот


