Урсула фон дер Лајен ќе ја посети Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје од 30 септември до 2 октомври
Посетата ќе се фокусира на следните чекори кон ЕУ, постепената интеграција и контрола на проекти финансирани од ЕУ; Србија и БиХ се исклучени поради изборите.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе патува низ Западен Балкан од 30 септември до 2 октомври, со постојки во Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје, најави денеска Брисел.
На агендата ќе бидат европскиот пат на земјите од регионот, процесот на постепена интеграција и Планот за раст за Западен Балкан, додаде портпаролката на Комисијата. Србија и Босна и Херцеговина остануваат надвор од оваа турнеја поради изборите, но од Брисел најавуваат посети во наредниот период.
Средби со шефови на држави и инспекција на проекти поддржани од ЕУ
„Како што изјави претседателката на Самитот ЕУ- Западен Балкан овој јуни, нашата Унија нема да биде целосна без Западен Балкан. Затоа, во своите разговори, таа ќе се фокусира на претстојните чекори на европскиот пат на нашите партнери и на тековниот напредок во постепената интеграција, поддржана од нашиот План за раст за Западен Балкан. За време на оваа посета, претседателката фон дер Лајен ќе ги посети Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје. Таму таа ќе се сретне со шефовите на држави и влади и ќе посети проекти финансирани од ЕУ,“ изјави Ариана Подеста, портпаролка на Европска Комисија.
Реакциите во Скопје го отворија прашањето за динамиката и политичките предуслови на евроинтеграцијата. „Односите со Република Северна Македонија стануваат сè потешки и сè полоши, бидејќи денес во Северна Македонија нема искреност. Каде сака да оди земјата? Ако идејата е да се оди во Европската Унија, двете главни политички партии мора да се договорат за ова прашање. И да го пронајдат овој јавен, политички, општествен консензус во нивната земја. А, ние го гледаме токму спротивното. Регресија и повлекување. Ова не е во ничиј интерес, не е во интерес на Бугарија. Бидејќи сакаме да се граничиме со земји што припаѓаат на нашиот вредносен систем,“ порача Илхан Ќучук, европратеник и екс известувач за Македонија во Европскиот парламент.
Во Софија, заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски се обрати на форумот „Европа се сретнува со Балканот“ и демантираше шпекулации дека македонските политичари биле инструктирани да зборуваат на англиски додека се во Бугарија: „Можам да зборувам на мојот мајчин македонски јазик, можам и на бугарски кој го владеам, но важно е да се разбереме и важно е што ќе кажам. Македонија нема никаков проблем Бугарите да станат дел од Уставот. Напротив, подготвивме и акциски план за заштита на помалите етнички заедници, меѓу кои и Бугарите и подготвени сме да го имплементираме. Но очекуваме исто така од нашиот сосед да ги имплементира пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и да ги регистрира граѓанските здруженија на Македонците,“ изјави Димитровски.
Вчера, еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарски медиум повика на исполнување на договореното од страна на македонската влада, а од бугарската влада да дојде поддршка откако ќе бидат спроведени уставните измени, со цел процесот на пристапување да продолжи.
Фото: прес-материјал од настанот


