В.д. директор на НУ Историски музеј – Крушево поднесе неотповиклива оставка поради снимање во „Македониум“
Оџаклиевски се извинува и опишува оставката како морална одговорност, иако вели дека не е прекршен правен пропис.

В.д. директорот на Националната установа Историски музеј – Крушево денеска поднесе неотповиклива оставка поради случајот со снимањето на делови од спотот на косовскиот рапер Дон Џони во споменикот „Македониум“.
Оставката, според директорот, акт на лична морална одговорност
Во писмото до Управниот одбор, в.д. директорот Миха Оџаклиевски вели дека ја донел одлуката како личен морален и етички чин, иако, како што потенцира, во конкретниот случај "не е прекршен ниту еден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука на УО на институцијата".
Оџаклиевски укажува дека постапката за која се отвори прашање била дел од воспоставена пракса во институцијата, но дека тоа не го елиминира проблемот со перцепцијата на јавноста. Тој во оставката пишува: "Постапката за која се отвори прашање била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата. Сепак, свесен сум дека она што е правно дозволено не секогаш е доволно за да се зачува највисокиот степен на доверба што јавноста со право го очекува од една јавна институција. Во конкретниот случај, и покрај тоа што немало намера за прекршување на закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во проценката на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста".
Споменикот „Македониум“ е под надлежност на Националната установа Историски музеј – Крушево, а според објавени информации, просторот бил отстапен за снимањето за сума од 500 евра.
Во оставката Оџаклиевски ѝ се извинува на јавноста за, како што наведува, ненамерниот пропуст и истакнува дека поднесувањето на оставка значи дека е подготвен да понесе одговорност кога јавната доверба е доведена во прашање. Тој пишува: "Моето извинување не е формалност, туку израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служев. Оставката ја поднесувам со чиста совест во однос на законската одговорност, но и со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата што ја извршував".
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе побара од министерот за култура и туризам Седат Сулејмани разрешување на директорот и членовите на Управниот одбор на Националната установа Историски музеј – Крушево. Мицкоски се извини на граѓаните и оцени дека ваков тип објекти не треба да се изнајмуваат за намени како снимање музичко видео.
Министерот Сулејмани оцени дека случајот е чувствителен и најави дека ќе бидат разгледани правните аспекти на снимањето во споменикот.
Фото: МИА


