Почетна
Македонија

Вештак: „Пулс“ имал нула прописни излези; зафатите биле правени на диво

На рочиштето за пожарот во кој загинаа 63 лица, вештакот од Градежниот факултет рече дека „Пулс“ немал прописни излези, а полиуретанскиот сунѓер го забрзал ширењето на огнот.

·Македонија
Вештак: „Пулс“ имал нула прописни излези; зафатите биле правени на диво

Градежниот вештак на денешното рочиште за пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, кажа дека објектот „Пулс“ немал ниту еден прописен излез за евакуација и дека зафатите на објектот биле направени на диво.

Вештакот: посетителите излегувале низ тесно грло, не евакуациона врата

Маријана Лазаревска, градежен вештак од Градежниот факултет, објасни дека иако на прв поглед просторот изгледа да има три отвори, тоа не значи дека постоеле безбедни излези за евакуација. Кобната ноќ посетителите морале да излезат низ т.н. летечка двокрилна врата која воопшто не била евакуациона врата, туку тесно грло.

„Замислете ситуација во која 600 посетители треба истовремено да ја напуштат просторијата зафатена со пожар. Сите тие се насочени кон само еден отвор чија широчина е два и пол пати помала од потребната. На тој начин, отворот станува тесно грло на единствената патека за евакуација. Во услови на пожар, помалата широчина на отворот не значи само побавна евакуација. Таа може да доведе до тоа дел од луѓето да останат заробени во опасната зона и да не успеат навреме да го напуштат објектот“, рече вештакот Маријана Лазаревска.

Според вештакот, со сите изведени зафати дополнително е намалена пропусната моќ на објектот и се влошени условите за навремена и безбедна евакуација. „Пулс“ не ги исполнувал ниту условите да биде кабаре, туку диско клуб; направените интервенции биле реконструкции и сите зафати биле правени на диво, рече Лазаревска.

Единствениот документ што личел на проектна документација, според вештаците, не може да се третира како основен проект и не ги содржел законските фази. Но, ниту тој документ бил испочитуван во поглед на материјалите кои требало да бидат вградени. Документот никогаш не бил поднесен во општината, но бил употребуван во постапки пред Државниот пазарен инспекторат и МВР. Вградените материјали, без стручен надзор и без соодветна контрола на квалитетот, како што е полиуретанскиот сунѓер, имале негативно влијание врз развојот и ширењето на пожарот.

„Дополнително, вградените материјали, без стручен надзор и без соодветна контрола на квалитетот, како што е полиуретанскиот сунѓер, имале негативно влијание врз развојот и ширењето на пожарот и дополнително ги влошиле условите во просторијата. Пожарот започнал токму од сунѓерот поставен на плафонот. Станува збор за лесно запалив материјал кој брзо гори и овозможува пламенот и пожарот брзо да се прошират по целата површина на плафонот“, додаде Лазаревска.

Родителите на починатите млади велат „нема да прифатиме ништо помалку од вистината“, а градежното вештачење им дава надеж дека правдата е достижна. „Клопчето се размотува, а одговорноста сè повеќе се зацврстува. По 17 месеци болка и борба, слушајки го градежното вештачење денеска, уште појасно ги гледаме сите пропусти и непостапувања што со години се таложеле. Колку и да е болно да се слуша, сето ова нѝ дава надеж дека вистината, конечно, излегува на виделина“, изјави Александар Наунов, татко на починатата Надица.

Сведочењето на градежните вештаци ќе продолжи на следното рочиште.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи