Почетна
Македонија

Вицепремиерот Александар Николовски се сретна со германски инвеститори — во фокусот транспортната инфраструктура и деловните услови

На средбата беа отворени прашања за пристапни патишта, логистика и интеграција на електромобилноста.

·Македонија
Вицепремиерот Александар Николовски се сретна со германски инвеститори — во фокусот транспортната инфраструктура и деловните услови

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски имаше средба со членови на Македонско‑германското стопанско здружение и германските инвеститори во земјата, на која доминираа прашањата поврзани со транспортната инфраструктура и деловните услови за компаниите.

Приоритети: пристапни патишта, поврзаност и мобилност на работната сила

Инвеститорите ја потенцираа важноста на пристапните патишта до производствените капацитети, подобрувањето на сообраќајната поврзаност, како и интеграцијата на електромобилноста. Посебен акцент беше ставен на обезбедување јавен превоз до индустриските зони и фабриките и на условите за меѓународните професионални возачи.

Антје Ванделт, директорка на AHK Северна Македонија и членка на Управниот одбор на Македонско‑германското стопанско здружение, го истакна значењето на функционалната инфраструктура за конкурентноста на земјата.

„Околу 70 проценти од извозот на Северна Македонија е насочен кон Европската Унија, а речиси 40 проценти од вкупниот извоз е наменет за Германија. Ова покажува колку е тесно поврзана Северна Македонија со европскиот пазар и колку е значајна развиената транспортна инфраструктура за конкурентноста на земјата“, рече Ванделт.

Ванделт додаде дека навремените испораки, сигурните транспортни правци и предвидливите логистички трошоци се клучни за компаниите вклучени во европските синџири на снабдување и дека германските фирми се заинтересирани да придонесат со технологии и искуство во идните инфраструктурни проекти. Од здружението посочуваат дека развиената инфраструктура ја забрзува испораката на стоки, ја олеснува мобилноста на вработените, го поддржува проширувањето на производството и помага во привлекувањето нови странски инвестиции.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи