Почетна
Балкан

Владата во Подгорица запре кредитен аранжман со српската Алта банка

Кабинетот ја поништи претходната согласност која требаше да дозволи заложно право врз марината и шеталиштето во Луштица Беј како обезбедување за кредит од 15 милиони евра.

·Балкан
Владата во Подгорица запре кредитен аранжман со српската Алта банка

Владата на Црна Гора ја повлече претходната согласност што ѝ овозможуваше на компанијата „Луштица Девелопмент“ да воспостави заложно право врз државен имот во Луштица Беј како гаранција за кредит од 15 милиони евра од Алта банка – Белград.

Спорниот имот го опфаќа пристаништето (марината) и крајбрежното шеталиште во комплексот Луштица Беј кај Тиват, изградени на државно земјиште со површина од околу 18 000 метри квадратни.

Одобрението повлечено по еден месец

Според официјалните податоци, на 29 јуни Владата прифатила барање од „Луштица Девелопмент“ со кое требало да се овозможи запишување заложно право во корист на Алта банка – Белград како обезбедување за враќање на кредит од 15 милиони евра. На 28 јули, кабинeтот на премиерот Милојко Спајиќ ја смени одлуката и го поништи претходниот заклучoк, со што практично беше спречено државниот имот да биде ставен под залог во корист на белградската банка.

Во образложението за поништувањето не е наведена конкретна причина, туку е посочено дека настапиле „одредени правни и фактички околности“ поради кои престанала основата за постоење на заложното право. Податоците од катастарот што биле проверени покажуваат дека заложно право во корист на Алта банка не е запишано.

Од „Луштица Девелопмент“ потврдиле дека во моментот немаат кредитни аранжмани со Алта банка, но не одговориле дали претходно имале заеми од банката, во кој износ и какво обезбедување било користено.

Алта банка – Белград не одговорила на прашањата за досегашната соработка со инвеститорот и за планираниот кредит од 15 милиони евра. Министерството за урбанизам, просторно планирање и државен имот објасни дека Владата првично била подготвена да го овозможи аранжманот поради значењето на продолжувањето на инвестицискиот циклус, но дека „Луштица Девелопмент“ не ги реализирала активностите што биле утврдени како услов за спроведување на согласноста; министерството не прецизираше кои биле тие услови.

Освен правните и управните прашања, околу Алта банка постојат и политички контроверзии. Банката, која минатата година ја купи Стопанска банка – Битола во Македонија, е поврзувана од опозицијата во Србија со сопственикот Давор Мацура и со високите политички кругови во Белград. Властите во Белград ги демантираат тие обвинувања.

Според официјалните податоци објавени од банката, со состојба на 17 јули 2026 година, Алта банка – Белград поседува 95,1754 проценти од обичните акции со право на глас во македонската Алта банка, со што практично е нејзин доминантен сопственик. Како реакција во Скопје се појави и паролата од политичката сцена: „ДУИ: Влезот на српската Алта банка во Македонија е обид на Белград да обезбеди стратегиска контрола врз клучните институции на државата”.

Фото: Луштица Девелопмент

Поврзани написи