Влага и вода во собите, недостасува и парно греење во „Стив Наумов“
По пријава во понеделник вода продрела во собите; платформата „Студентарија“ бара итна санација, а директорот Каровски ги објаснува гаранциските обврски.

Студентите во неодамна реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ се жалат на протекување вода во собите и на недоволно парно греење. Тие велат дека проблемот бил пријавен уште во понеделник до надлежните служби, откако внатре навлегла вода, но дека ветениот мајстор не дошол навреме и следниот ден водата продрела во собите.
Од платформата „Студентарија“ побараа ваквите дефекти да се решаваат навремено и да се утврди причината за појавата и за доцнењето со интервенцијата.
Гаранции и постапка
Директорот на Државен студентски дом, Александар Каровски, потврди дека објектот е во гарантен рок и објасни како се постапува при појава на штета:
„Според договорот со изведувачот на реконструкцијата на домот, објектот и сите пропратни содржини имаат гарантен период од 18 месеци. Нашата обврска како институција е да ги пријавуваме настанатите проблеми до проектната единица во МОН која го известува изведувачот кој треба да ги санира штетите. Во врска со парното греење домот е приклучен на системот на ЕСМ кој е надлежен за дистрибуција на топлинска енергија според правилата на регулаторната комисија, т.е одредена надворешна температура нема греење", изјави Александар Каровски, директор на Државен студентски дом .
Ова не е првпат студентите да реагираат — претходно тие се жалеле на немање топла вода, недостаток на парно греење и на квалитетот на исхраната во објектот.
Автор: Тамара Марковска
Фото: прес-материјал од настанот


