Почетна
Македонија

Власта и опозицијата се спротиставија на извештајот на ДКСК за 2025

Пратениците тврдат дека институциите не ја преточуваат документацијата во постапки и резултати, а ДКСК предупредува на неизменета законска рамка.

·Македонија
Власта и опозицијата се спротиставија на извештајот на ДКСК за 2025

Во Собранието се разгори остра расправа за Годишниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за 2025 година, при што пратениците обвинија дека наодите не се преточуваат во предмети и пресуди. Извештајот беше разгледан на пленарна седница денеска.

Пратеници: институциите не даваат резултати

Малиша Станковиќ, пратеник од Социјалистичката партија на Македонија, предупреди дека актуелните практики го блокираат ефективното справување со корупцијата. „Како ние во ваков систем ќе се справиме со корупцијата, ајде еве објаснете ми вие. Вие премалку предмети доставувате до Јавното обвинителство, ЈО ги става предметите во фиока. И оние мал број на предмети што ќе дојдат до судовите, судот ги ослободува. Па ние вака ако продолжиме никогаш нема да се справиме со корупцијата“.

Пратениците од ВМРО‑ДПМНЕ остро го критикуваа и начинот на јавна комуникација на комисијата. „Пред да се издаваат соопштенија, тие соопштенија да бидат базирани на факти и на аргументи. И сите материјали коишто се мотив тие соопштенија да бидат издадени во јавноста, да се читани соодветно. Да не се објавуваат соопштенија поради притисок од некого бидејќи на таков начин се губи суштината на институцијата“, изјави Бојан Стојаноски.

Од опозицијата стигнаа дополнителни критики кон содржината на извештајот. „На пример, извештајот на прв поглед покажува дека има голема активност. Но, ако ја погледнете структурата и исходот од предметите, ќе видите дека тоа е само набилдан извештај за да изгледа како активност“, рече Реџеп Исмаил од Левица. Сали Мурати од Европскиот фронт додаде: „Откако ќе ги изброиме бројките, ќе дојдеме до истото прашање како и минатата година во истата оваа сала. Дали оваа институција навистина ја намалува корупцијата или само ја документира? Според мене, само се документираат работите и не се намалува корупцијата“.

Во својот извештај, ДКСК констатира: „И во 2025 година не беа направени суштински системски исчекори во законската рамка кои би довеле до значително намалување на можностите за злоупотреба на дискреционите овластувања. Ризиците од корупција поврзани со вработувањата во јавниот сектор, издавањето дозволи и одобренија, урбанистичкото планирање, јавните набавки и инспекцискиот надзор и понатаму останаа изразени.“

Комисијата забележува и ниско ниво на реализација на планираните активности, што покажува ограничена институционална посветеност и недоволна отчетност. И покрај финансиските и кадровските ограничувања, ДКСК оцени дека продолжила да ја извршува својата законска улога како столб на превенција од коруптивни појави.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи