ВМРО-ДПМНЕ: Филипче зборува за распродавање, а не трепна кога со Заев го распродаваа името
ВМРО-ДПМНЕ го оценија како селективно реагирањето на Филипче и го бранеа економскиот курс на Владата.

ВМРО-ДПМНЕ остро возврати по обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека премиерот Христијан Мицкоски ги распродава националните богатства со најавата за изградба на дата-центри и со проектот за рудник за ископ на антимон.
Одговорот на партијата
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека на Филипче му пречи секој успех на земјата и дека економските политики на Владата ја движат државата во правилна насока.
Партијата ги оцени како селективни и мотивирани од политички интереси критиките на лидерот на СДСМ, посочувајќи на неговиот мандат како министер и на однесувањето кое, според партијата, ја поткопува неговата веродостојност.
„Селективната принципиелност на Филипче е смешна – му пречат дата-центри, не му пречат провизии од вакцини. Неговиот мандат како министер јасно покажа дека му одговара само некој тендер, провизија од вакцина, па дури сакаше и да одземе болница со уцени за судски спорови. Нека се преиспита што точно му одговара, дека до сега знаеме оти не му пречат висококатниците во Дубаи, златни визи, јахтите во Грчка, знаеме дека е фан на Џиновиќ и на Заев, ама не знаеме зошто му пречат сите неуморни напори на Владата да ја води државата напред“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денешната прес-конференција на Филипче се однесуваше на критика за најавената изградба на дата-центри и за проектот за рудник за ископ на антимон; тој обвини дека власта на чело со Мицкоски ги распродава националните богатства и дека проектите се договараат поради лични бизнис-интереси. Филипче нагласи дека СДСМ не е против технолошкиот напредок, туку против приватните бизнис-интереси на власта и на премиерот.
Филипче повика на референдум: „Граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови“.
Фото: Архива


