Во Германија странците држат голем дел од пазарот на труд: во некои професии над 50% се со имигрантско потекло
Микропопис 2025: во некои професии повеќе од половина од работниците се со имигрантско потекло

Вработените со имигрантско потекло стануваат значајен дел од германскиот пазар на труд: според податоците од германскиот микропопис за 2025, нивниот удел изнесува 27 проценти од вкупниот број вработени.
Најголема концентрација е во дејности каде што компаниите долго време се соочуваат со недостиг од работна сила. Во угостителството и во кујните 56 проценти од готвачите се со имигрантско потекло, во производството на храна нивниот удел е 55 проценти, а кај работниците што поставуваат подни облоги изнесува 54 проценти. Повеке од половина од вработените припаѓаат на оваа категорија и во поставувањето градежни скелиња и во индустријата за преработка на месо.
Каде Германија зависи од странска работна сила
Покрај овие професии, значителен е уделот и во други дејности со постојано барање работници: професионалните возачи сочинуваат 41 проценти, хотелските услуги 40 проценти, а секторот за нега и грижа 33 проценти. Работодавците предупредуваат дека потребата ќе расте поради стареењето на населението и масовното пензионирање на домашни работници.
Според методологијата, во категоријата „лица со имигрантско потекло“ се вклучени граѓаните кои самите се доселиле во Германија и оние чијашто двајца родители се преселиле во земјата по 1950 година. Тоа значи дека статистиката ги опфаќа и дел од германските граѓани со семејна миграциска историја, не само странски државјани.
Во 2024 година Германија имаше рекордни 46,1 милион вработени, и растот на вработеноста се поврзува делумно со приливот на работници од странство кои ја олеснуваат недостапноста на кадар во неколку стопански гранки. За да обезбеди доволно работна сила, властите ги олеснија правилата и склучија билатерални договори за привлекување работници, вклучително од земји надвор од ЕУ, со посебен фокус на здравството, негата, транспортот, угостителството, градежништвото и производството.
И покрај економските потреби, имиграцијата останува чувствителна тема во политиката. Дел од партиите застапуваат построги правила, додека претставниците на стопанството предупредуваат дека ограничувањата би ја продлабочиле кризата со кадарот.
Фото: Фрипик


