Во Штип цените на становите пораснаа за 10%
И новоградбите и постарите станови во Штип се продаваат по повисоки цени, додека бројот на трансакции опадна.

Цените на становите во Штип бележат пораст од околу 10% во споредба со минатата година, покажуваат најновите општински податоци. И старите и новоградбите се продаваат по повисоки цени, а највисоката постигната цена годинава изнесува 1.500 евра за метар квадратен за нов стан.
Според евиденцијата на општината, во трговијата со станови и недвижности досега се завртени околу 13 милиони евра, од кои околу 8 милиони евра се од продажба на нови станови. Во исто време бројот на склучени договори е помал отколку претходно.
Пад на прометот, но пораст на дозволите за градба
Досега годинава во општината се запишани 207 купопродажни договори — тоа е намалување од приближно 30% во споредба со лани, кога се продадени 315 станови. Општинските службеници велат дека причината делумно е во помалиот број објекти впишани во катастарот во тековната година.
„Просечната цена бележи зголемување за околу 10%, односно и старите и новите станови се продаваат за повисоки цени. Досега од предметите пристигнати во општината, цената на становите препродадени е околу 13милиони евра, од кои 8милиони евра се за нови станови. Највисоката постигната цена на договор е околу 1.500евра од метар квадратен за нов стан“, вели Драган Каров, општина Штип.
Од општината посочуваат дека иако годинава има помал промет на станови, бројот на издадени одобренија за градба на станбени згради се зголемил. Тие објекти ќе бидат впишани во катастарскиот систем во 2027 година, што може да ја зголеми понудата на нови станови како во централното градско подрачје, така и во населбите.
Фото: прес-материјал од настанот


