Во Штип почна „Пастрамајлијада 2026“
Двнодневната манифестација започна денес на шеталиштето „Ванчо Прќе“; пастрмајлијата ќе се продава по унифицирана цена од 250 денари.

Манифестацијата „Пастрамајлијада 2026“ денеска почна во Штип со традиционалното сечење на џиновската пастрмајлија на шеталиштето „Ванчо Прќе“, што го означи почетокот на двата дена посветени на музика, дегустација и забава.
Пестрa понуда и иста цена на двете локации
Организаторите информираа дека пастрмајлијата ќе се продава и на шеталиштето и на градскиот стадион по унифицирана цена од 250 денари.
Штипјани и гости ќе имаат можност да уживаат во музичките настапи и програма предвидена за двата дена; се очекуваат посетители од соседните градови, од регионот, но и од странство. Посетителите велат дека пред сѐ очекуваат добра забава.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека градот е организациски подготвен да ги пречека гостите од земјата и странство, за да го вкусат кулинарскиот специјалитет по кој Штип е препознатлив, но и да се забавуваат, бидејќи и годинава во програмата има познати музички имиња од земјата и странство.
Од СВР Штип предупредија дека поради одржувањето на традиционалната манифестација се очекува зголемено присуство на луѓе, па апелираат за одговорно однесување, почитување на законските прописи, сообраќајната сигнализација и насоките на полициските службеници. Исто така упатија посебен апел до граѓаните на општина Штип, доколку имаат можност, викендов да го намалат непотребното користење на моторните возила.
„Пастрамајлијада 2026“ ќе се одвива денес и утре, на шеталиштето „Ванчо Прќе“ и на градскиот стадион, со дегустации, концерти и дополнителна градска понуда.
Фото: прес-материјал од настанот


