Почетна
Македонија

Вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи во Гевгелија по смртта на Билјана

Социјалната инспекција ја проверува постапката на институциите и дали биле спроведени мерките за заштита на малолетната.

·Македонија
Вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи во Гевгелија по смртта на Билјана

Вонреден инспекциски надзор е извршен во Центарот за социјални работи во Гевгелија по трагедијата во која животот го загуби седумнаесетгодишната Билјана Кириќ. Социјалната инспекција при Министерството за труд и социјална политика вчера спроведе надзор за да утврди како институциите постапувале и дали се преземени сите предвидени мерки за заштита на малолетната девојка.

Од Министерството информираат дека надзорот треба да даде одговор како бил следен случајот на Билјана, какви процени биле направени и дали Центарот за социјални работи навремено и соодветно реагирал. Резултатите се очекуваат во наредните денови.

Полициска интервенција, правни мерки и план за безбедност

Претходно, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека полицијата веднаш по пријавата излегла на терен, а партнерот на девојката бил приведен. По консултација со јавен обвинител, тој бил пуштен на слобода. Во меѓувреме е поднесена кривична пријава, изречена е привремена мерка за заштита и изработен е план за безбедност на Билјана.

„На 21.10 во раните утрински часови од страна на полицијата согласно протоколите изготвен е план за безбедност на жртвата и начинот на извршување на изречената итна мерка за заштита. Уште еден факт во меѓувреме полицијата постапува исклучиво согласно планот, и протоколите, при што напоменувам, сега покојната Билја,а жртвата, и нејзиниот родител, односно татко, се контактирани и истите дале исказ дека се е во ред и дека немаат контакти со сторителот дека нема приближување, и дека мерката изречена од страна на судот целосно се почитува“, изјави Јанев.

Надлежните го потенцираат значењето на изработениот план за безбедност и привремената судска мерка како дел од непосредната реакција, додека инспекцискиот надзор треба да утврди дали претходните процени и интервенции биле усогласени со законските и стручните стандарди.

Жителите на Богданци најавија мирен протест за вечерва во знак на почит кон прерано згаснатиот живот на нивната сограѓанка. Организаторите во соопштението бараат поголема одговорност од институциите, навремена реакција и ефикасна заштита на жртвите на семејно насилство.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи