Втора работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ‑Северна Македонија
Ко‑претседателите Иванка Василевска и Карло Реслер повикаа на продолжување на реформите и предвидлива европска политика на проширување.

Во Собранието денеска се одржува Втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ‑Северна Македонија, како продолжение на состанокот што вчера беше отворен под ко‑претседавање на пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер.
Поттик за продолжување на реформите и предвидлив процес на проширување
При отворањето вчера, Василевска им се заблагодари на европратениците за нивната „континуирана и недвосмислена поддршка“ на процесот на проширување и нагласи дека Европскиот парламент позитивно ги вреднува постигнатите реформи, стабилноста на меѓуетничките односи и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Таа подвлече дека како земја‑кандидат имаме обврска доследно да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги усогласуваме нашите политики со европските стандарди, особено во енергетиката, транспортот, трговијата, одбраната и безбедноста.
„Но, кредибилитетот на процесот на пристапување се темели на заемна доверба и исполнување на обврските од двете страни. Затоа, е од особено значење постигнатиот напредок на земјите кандидати да биде соодветно препознаен и вреднуван, а европската политика на проширување да остане предвидлива и конзистентна. Само преку таков пристап можеме да обезбедиме одржлив реформски процес, да ја зацврстиме европската перспектива на земјите кандидати и истовремено да придонесеме кон посилна, побединa и поотпорна Европска Унија, способна поефикасно да одговори на предизвиците на глобалната конкуренција“ – нагласи Василевска.
Карло Реслер оцени дека земјата припаѓа на европското семејство, но истовремено го призна и долгото и фрустрирачкото искуство на патот кон евроинтеграциите. „Сакаме да бидеме рамо до рамо со вас како Европски парламент, со вашите граѓани и со колегите во Собранието“, истакна Реслер.
Пратениците вчера усвоија и записникот од 24. состанок на Мешовитиот комитет, одржан на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур. Денешната работна сесија во Скопје продолжува со дискусии за спроведувањето на реформите и соработката во приоритетните политики.
Фото: прес-материјал од настанот


