За една година просечните месечни трошоци на четиричлено семејство пораснале за 70 евра, синдикалната кошничка 69.432 денари
ССМ пресмета дека синдикалната кошничка во септември изнесува 69.432 денари; храната чини 36,4% од трошоците.

Просечните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во Северна Македонија за една година пораснале за 70 евра, а синдикалната потрошувачка кошничка за септември изнесува 69.432 денари, пресмета Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Од почетокот на годинава кошничката е поскапена за над 3.000 денари, а само во однос на минатиот месец трошоците се зголемиле за скоро 760 денари. Според ССМ, најголем придонес за поскапувањето даваат храната и пијалаците, облеката и обувките и транспортот.
Храната го носи најголемиот дел од трошоците
„За само една година потребниот минимален месечен буџет е зголемен за 4.355 денари. Што значи тоа? Тоа значи дека граѓанинот, работникот осиромашува сè повеќе бидејќи цените растат, а платите не ја следат онаа инфлација или поскапувањето на артиклите. Ние некогаш гледаме дека, односно како мерило ја земаме само онаа ставка што е храната, која што сепак не е толку мала бидејќи една минимална плата многу тешко ја покрива само храната“, вели Љупчо Радовски, член на претседателство на ССМ.
Во пресметките на синдикатот, уделот на храната и безалкохолните пијалаци во месечните трошоци на семејството е 36,4% — околу двојно повеќе отколку во Европа, каде домаќинствата трошат приближно 16% за храна и пијалаци.
ССМ реагира дека континуираниот раст на цените секој месец носи дополнителен товар врз семејниот буџет и оценува дека со сегашните плати и пензии е тешко да се опстане. „Мора економско‑социјалниот совет да си седне и посериозно да си ја разгледа проблематиката околу стандардот на граѓаните и да се донесат соодветни мерки. Не може само да гледаме дека храната мирува во овој момент со мали покачувања од денар, два, три, четири, што во процент е многу малку во однос на она што значи од ред две години кога нагло се покачија цените се покачиле да речеме за 80%, а платата не е покачена ни за 30%. Така да мислам дека треба да се земат конкретни мерки за целокупните потреби на граѓанинот и работникот за да опстојува едно четиричлено семејство“, додава Радовски.
Од опозициската СДСМ побараа владата да го поддржи нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 600 евра. „Тоа е најмалку што можат да направат за луѓето, за работниците, за семејствата на кои што единствен приход им е минималната плата поради тоа што поради огромните трошоци едноставно луѓето не можат да врзат крај со крај. Освен што минималнара плата бараме да се зголеми на 600 евра, потребно е да се поддржат компаниите, приватните бизниси, да не им биде дополнителен товар на сопствениците со тоа што ќе се субвенционираат придонесите за тој дел за зголемување на платите“, порача Филипче.
Од владејачката ВМРО‑ДПМНЕ возвратија: „Од СДСМ се спротивствавуваат на сè што значи економски развој, а сакаат повисоки плати“. Партијата, исто така, посочи дека владината просечна кошничка е за околу 10% поевтина од синдикалната пресметка.
За да им се помогне на домаќинствата, власта воведе неколку мерки: училишна кошничка за поевтин школски прибор, намалени акцизи и повластена даночна стапка за горивата од 10% наместо 18%.
Според ССМ, ако на просечните месечни трошоци се додаде и кирија или рата за станбен кредит, синдикалната кошничка изнесува скоро 1.400 евра. Минималната плата е нешто над 420 евра, а просечната речиси 790 евра — што укажува дека за да се покријат основните потреби, кога семејството не живее во сопствен дом, се потребни скоро две просечни плати.
Фото: прес-материјал од настанот


