За Експо 2027 во Белград потрошени 1,33 милијарди евра, новата власт носи неизвесност
Промената на власта во Србија носи неизвесност за финансирањето и управувањето со меѓународната изложба; уште 183 милиони евра се планирани до крајот на 2026.

За изградбата на изложбениот комплекс за Експо 2027 во Белград до сега се потрошени околу 1,33 милијарди евра, а до крајот на годината се предвидени дополнителни 183 милиони евра.
Проектот, кој стартуваше во 2023 година, се концентрира околу изградбата на изложбени хали и придружни објекти во Сурчин, во близина на Белград. Согласно официјалните податоци, до крајот на септември за тие објекти се исплатени околу 157 милијарди српски динари, односно 1,33 милијарди евра, а до крајот на 2026 година се планирани уште 183 милиони евра.
Вкупните трошоци поврзани со Експо 2027 се пошироки од чисто градежните трошоци: дополнителни средства се издвојуваат за инфраструктура, организација, промоција и јавни набавки преку повеќе државни институции. Буџетот за 2027 година сè уште не е усвоен, така што засега не може да се прецизира колку пари ќе бидат потребни за завршување на проектот.
Надлежностите и трошоците ќе ги преземе новата власт
Смената на власта во Србија, при што новата влада треба да ја формира Студентската листа, донесува неизвесност околу натамошното финансирање и организацијата на меѓународната изложба. Претставници на Студентската листа најавиле дека Србија ќе ги почитува преземените меѓународни обврски, но и дека ќе направат анализа на склучените договори и преиспитување на трошоците поврзани со Експото; деталeн план за управување со проектот засега не е претставен.
Компанијата „Експо 2027“, основана од српската влада за организација на изложбата, тврди дека подготовките продолжуваат според утврдената динамика, а во организацијата учествуваат повеќе од 40 државни институции и организации. Генералниот секретар на Меѓународното биро за изложби (BIE), Димитрис Керкентзес, изјавил дека работите продолжуваат според планот и дека Бирото не добило известување за промени во роковите. Следниот важен рок е 1 декември, кога изложбените павилјони треба да им бидат предадени на земјите учеснички.
Меѓународната специјализирана изложба е планирано да се одржи од 15 мај до 15 август 2027 година во Белград. Србија беше избрана за домаќин во јуни 2023 година, а проектот досега беше претставуван како еден од главните двигатели на економскиот и инфраструктурниот развој на земјата. Со промената на власта, одлуките за преостанатите инвестиции, буџетските средства и организацијата на изложбата ќе преминат во надлежност на новото раководство на Србија.
Фото: прес-материјал од настанот


