Забранета вода за пиење од градската чешма кај стадионот во Струмица
Агенцијата за храна и ветеринарство нареди забрана поради бактериска контаминација; под забрана се и водоводите во неколку села.

Водата од градската чешма кај стадионот во Струмица од вчера е забранета за пиење поради микробиолошка неисправност.
Анализите на чешмата покажале зголемено присуство на аеробни и мезофилни бактерии, по што следуваше одлука за привремена забрана за користење.
Граѓаните со кои разговаравме најчесто беа запознаени со состојбата. Многумина велат дека од таа чешма полнат вода за пиење затоа што е питка и студена, и се надеваат дека мерката ќе биде краткотрајна.
Забрана и во неколку села
Забрана за користење има и на водата од водоводот во селата Рич, Попчево, Белотино и Вељуса. Жителите на Вељуса го изразија своето изненадување, напоменувајќи дека водоводот е од планински извори кои со децении се сметаат за чисти.
Агенцијата за храна и ветеринарство ја донесе забраната по вонреден инспекциски надзор, при кој е констатирано отсуство на резидуален хлор и контаминација со бактерии – индикатори на фекално загадување. Забраната се однесува на водата за пиење, како и на нејзината употреба како суровина и вода која доаѓа во контакт со храна во објекти за подготовка, послужување и промет на храна, како и во сите јавни установи.
Репортер: Сузана Мицева
Фото: прес-материјал од настанот


