Загадената вода во Гостивар ја преоптовари болницата во Тетово
Клиничката болница во Тетово примила над 200 пациенти од Гостивар откако локалниот водовод бил прогласен за загаден.

Загадувањето на градскиот водовод во Гостивар доведе до затворање на операционите и породувачките сали во Општата болница во Гостивар, што предизвика зголемен прилив на пациенти во Клиничката болница во Тетово.
Од средината на јули над 200 пациенти од Гостивар побарале медицинска помош и хируршки интервенции во тетовската болница. Првиот прилив започнал на 19 јули, а најголем број на упати биле на Одделот за гинекологија, главно за породувања со царски рез.
Тетовската болница ги зголеми капацитетите
„На гинеколошкото одделение имаме зголемена фреквенција на пациенти упатени од Општата болница во Гостивар. Вкупно 12 пациентки се породиле кај нас, кои претходно биле најавени од акушерското одделение во Гостивар. Третманот е ист и имаме услови да ги третираме најдобро овие пациенти кои се упатуваат кај нас поради оваа непријатна ситуација.“, порача Елдиар Зилбехари.
Оптоварувањето не е ограничено само на акушерството. На Урологија се извршени 10 оперативни интервенции и над 50 прегледи за пациенти од Гостивар, а зголемен прилив е забележан и на Одделот за ортопедија и кај абдоминалната хирургија.
„Во последно време, поради ситуацијата во Гостивар, има зголемување на бројот и на операциите и на прегледите на урологија, а воопшто и на хируршкото одделение. Во нашиот оддел во последно време има околу 10 интервенции за операции на простата и разбивање камења. Има зголемување и на бројот на пациенти кои доаѓаат на уролошки прегледи, околу 50 и повеќе. Слично зголемување има и на дигестивната абдоминална хирургија. На дигестивната хирургија се оперирани 9 пациенти од Гостивар, а се извршени 45 прегледи. На абдоминалната хирургија има 3 операции и 37 прегледи. Исто така, поголем број прегледи има и на ортопедија, каде што бројката достигнува 60 прегледи и две ортопедски операции.“, вели д-р Флорим Деари.
Раководството на тетовската болница уверува дека има доволни капацитети за прием и третман на сите случаи, и покрај континуираното зголемување на бројот на пациенти.
Меѓутоа, операционите сали во Гостивар ќе останат затворени по наредба на Министерството за здравство, сè додека не се добијат официјалните резултати кои ќе потврдат дека водата за пиење е целосно безбедна.
ПРАШАЊЕ НА НЕДЕЛАТА | Повеќе од половината анкетирани граѓани се сомневаат во исправноста на водата за пиење.
Фото: Слободен печат