Почетна
Балкан

Засадени над 119.000 дрвја и обновени 119 хектари во сливот на Дрим

Регионален проект меѓу Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора обнови шуми, обучи околу 2.100 лица и поттикнува одржлив локален развој.

·Балкан
Засадени над 119.000 дрвја и обновени 119 хектари во сливот на Дрим

Во рок од четири години, преку регионална соработка меѓу Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора за управување со шумите во сливот на реката Дрим, обновени се 119 хектари шума, засадени се повеќе од 119.000 автохтони дрвја и околу 2.100 лица ги зајакнале своите знаења за подобро управување со шумските ресурси.

Резултатите беа презентирани во Струга на регионалната експертска тркалезна маса „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: научени лекции, предизвици и насоки за иднината“, која собра претставници од институциите, шумарскиот сектор, општините, академијата, граѓанските организации и бизнис-секторот од четирите земји.

Активности на терен и главни закани

Организаторите посочија дека шумите во сливот на Дрим имаат клучна улога за зачувување на биолошката разновидност, регулирање на водите и зголемување на климатската отпорност, но се соочуваат со закани како нелегална сеча, шумски пожари, суши, ерозија и неодржливо користење на шумските ресурси.

„Не сме собрани овде само за да презентираме проектни резултати. Тука сме за да размениме искуства, да учиме едни од други и да истражиме како успешните практики можат да прераснат во долгорочни и одржливи решенија“, рече Нехат Рамадани, директор на Центарот за развој на неформалното образование и партнерства (ЦНВП), Македонија.

Во рамките на проектот се спроведуваат активности за обновување на деградирани шумски површини, природна регенерација, контрола на ерозијата и мерки за зголемување на отпорноста на шумите кон климатските промени. Понатаму, проектот нуди можности за одржлив локален развој преку пчеларство, користење шумски производи, костен, биомаса и екотуризам.

„Нашиот најголем успех се луѓето и партнерствата што стојат зад овие резултати, локалните заедници кои преземаат иницијативи, експертите кои го споделуваат своето знаење и институциите кои соработуваат надвор од националните граници“, кажа Анила Аљај, директорка на ЦНВП Албанија. Астрид Таус од ICEP додаде дека иницијативата „Иднината на шумите на Дрим“ (Drin Forest Futures) има за цел досегашните резултати и регионалната соработка да ги преточи во долгорочни активности за поотпорни шуми и одржлива егзистенција.

Проектот се спроведува од 2022 година во четирите земји со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој, во рамките на програмата „International Partnerships Austria“, а го реализира ЦНВП во партнерство со австриската организација ICEP.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи