Здрава Котлина бара раскинување на концесиите за Иловица‑Штука
Здружението тврди дека има доволно факти за раскинување на концесиите и бара повлекување на дозволите за проспекција во источниот дел.

Еко‑здружението „Здрава Котлина“ тврди дека располага со доволно факти кои, според нив, претставуваат основа за раскинување на концесиите за рудникот Иловица‑Штука и повикува Владата да преземе конкретен чекор бидејќи, како што велат, не постојат законски пречки за тоа.
„Сигурно е дека она што стои како аргументација, а ние со години ја споделуваме, ги плаши концесионерите, тие бегаат од соочувања секаде веќе со години тоа го прават, затоа што ние знаеме многу за нивните така да кажам малверзации, така што премиерот сметаме дека може да се охрабри и да ги донесе овие така да кажам да даде еден импулс на населението да се смири, бидејќи сега веќе е разбранувана темата,“ вели Ѓорги Танушев од Здрава Котлина.
Активистите предупредуваат дека евентуалното отворање на рудникот би предизвикало сериозни еколошки и економски последици за целиот југoисточен регион и дека изградбата на ваков индустриски капацитет е неприфатлива под какви било услови.
Можни последици и повик за повлекување на одлуката
Според Танушев, искуствата од другите земји покажуваат дека слични проекти често доведуваат до долгорочни конфликти и загадување. „За да бидеме сигурни, бидејќи ако се отвори овој рудник овде, како што знаеме од искуствата од светски рамки, еве сега Шпанија беше актуелна, за нас овде мир ќе нема. Се ќе биде загадено, се ќе биде проблематично, а и самиот инвеститор ќе мора во вонредни услови да се справува со сите овие проблеми, така што апсолутно сосема непотребно ќе се навлече гнев, наместо да се реши ситуацијата во полза на граѓаните и во согласност со законите. Законите се чисто на наша страна ,“ додава Танушев.
Покрај барањето за раскинување на концесиите за Иловица‑Штука, еколошките организации побараа и Владата да ја повлече одлуката за распишување концесии за проспекциски геолошки истражувања во источниот дел на државата.
Автор: Сузана Мицева
Фото: прес-материјал од настанот