Здравјето изложено на ризик поради чадот од пожари, предупредува Институтот за јавно здравје
Чадот содржи PM₁₀ и PM₂.₅ и гасови; ИЈЗ нуди практични препораки за намалување на изложеноста.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предупреди претпладнево дека чадот од пожари на отворено претставува значаен ризик за јавното здравје и дека изложеноста може да влијае и на населението кое живее далеку од опожарените подрачја.
Чадот е сложена мешавина од суспендирани честички (PM₁₀ и PM₂.₅) и различни гасовити и хемиски загадувачки материи, меѓу кои јаглерод‑моноксид, азотни оксиди, испарливи органски соединенија и полициклични ароматични јаглеводороди. Од особено јавно‑здравствено значење се ситните честички PM₂.₅, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови и да предизвикаат воспалителен одговор и оксидативен стрес кај различни органски системи.
Изложеноста на чад може да предизвика иритација на дишните патишта, кашлица, свирење во градите, отежнато дишење и намалување на белодробната функција. Кај лица со астма, хронична опструктивна белодробна болест и други респираторни заболувања може да се случи влошување. Фините честички се поврзуваат и со воспалителни и васкуларни промени кои можат да ја влошат постоечката кардиоваскуларна болест и да ја зголемат веројатноста за акутни кардиоваскуларни настани.
Загадувањето од пожари може да влијае и врз нервниот систем преку воспалителни и оксидативни механизми, додека непосредната опасност, евакуацијата, загубата на дом и нарушувањето на секојдневниот живот можат да предизвикаат анксиозност, депресивни симптоми и посттрауматски стрес. За време на бременоста, изложеноста на загаден воздух од пожари е поврзана со зголемен ризик од неповолни исходи, особено предвремено породување и ниска родилна тежина. Компонентите на чадот можат да влијаат и на имунолошкиот систем, а чадот и пепелта можат да предизвикаат иритација на очите и кожата.
Како да ја намалите изложеноста
ИЈЗ препорачува да се следат официјалните информации за пожарите и квалитетот на воздухот и да се почитуваат инструкции за евакуација доколку се издадени. Ограничете го престојот на отворено кога воздухот е загаден со чад и намалете ја физичката активност за да се намали вдишувањето загаден воздух. Останете во затворен простор со што е можно почист воздух, држете ги прозорците и вратите затворени и, кога е можно, поставете ја климатизацијата на режим на рециркулација за да се намали навлегувањето на надворешен воздух.
Подобрете го квалитетот на внатрешниот воздух со пренослив прочистувач со HEPA‑филтер или соодветен високоефикасен филтер во системот за климатизација/вентилација. Назначете една просторија во домот каде воздухот ќе се одржува што е можно почист. Избегнувајте создавање дополнително загадување во домот — не пушете, не палатe свеќи и темјан, не користете печки и камини на дрва, не прскајте аеросоли и ограничете го пржењето и печењето храна додека надворешниот воздух е силно загаден; проветрете само кога квалитетот на воздухот ќе се подобри. Во автомобил држете ги прозорците затворени и поставете ја вентилацијата на рециркулација; избегнувајте непотребни патувања при густ чад и намалена видливост.
Доколку морате да престојувате на отворено, правилно поставен респиратор N95 или FFP2 може да ја намали изложеноста на фините честички, но тој не обезбедува заштита од сите гасовити компоненти на чадот. Лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, да ја следат здравствената состојба и да имаат доволно лекови за периодот кога престојот надвор треба да биде ограничен. Посебно внимание посветете кога чадот се појавува заедно со високи температури — затворањето на прозорците не смее да доведе до опасно прегревање. Побарајте медицинска помош при изразено или прогресивно отежнато дишење, болка или стегање во градите, нарушување на свеста или значително влошување на постоечко респираторно или кардиоваскуларно заболување.
Фото: прес-материјал од настанот