Почетна
Македонија

Здравство на маса со претставници на онколошките пациенти: Се преземаат мерки за доцнењето на дел од лековите

Министерството и здруженијата на пациенти разговараа за недостигот на терапии, а надлежните велат дека веќе се преземени мерки за дел од лековите.

·Македонија
Здравство на маса со претставници на онколошките пациенти: Се преземаат мерки за доцнењето на дел од лековите

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски денеска оствари работна средба со претставници на Здружението „ХЕМА-ОНКО“ и со претставнички на групата „Пеперутки“ за да разговараат за актуелните потреби на онколошките пациенти и за унапредување на здравствената заштита.

Средбата следуваше по собирот на онколошките пациенти пред Министерството за здравство, каде што граѓаните реагираа поради доцнењето во доставата на дел од терапиите.

Превремени решенија додека не се стабилизира снабдувањето

Во центарот на разговорите беше новиот Закон за лекови — претставниците на здружението ги изложија своите препораки и предлози, а заменик-министерот истакна дека пациентските организации треба да бидат активно вклучени во креирањето на политиките и законските решенија што непосредно ги засегаат пациентите. „За лековите кај кои беа регистрирани доцнења веќе се преземени конкретни мерки. Дел од испораките се реализирани, за дел се склучени нови договори, а за останатите се обезбедуваат привремени решенија до целосно нормализирање на состојбата“, соопшти Министерството за здравство.

На собирот пред министерството, Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“ рече дека проблемот со терапиите провејува со години, но дека во овој момент е надминат. Таа наведе дека најчесто недостасувале терапии како „Фулвестрант“ и „Золадекс“, а овојпат имало и недостиг на дел од цитостатиците кои се на позитивната листа. Пациентите, нагласи таа, се држат во неизвесност и бараат навремена и континуирана терапија.

Марјановиќ предупреди дека и покрај тоа што здружението успеало да обезбеди зголемување на буџетот за Онкологија, по тендерот што е завршен во мај и во текот на летото остануваат дупки во набавките. Таа рече: "Баравме поголем буџет и добивме. Тендерот помина во мај месец и цело лето некакви дупки во набавките за Онкологија има. Не знаеме дали вистинското место за собиранка, бидејќи не е протест, е Министерството за здравство, но бидејќи сме биле пред Фондот за здравство и пред Онкологија премногу пати, веќе не знаеме каде е нашето место. Доколку проблемот не се надмине и за еден месец имаме повторно ваков застој – од недела дена, до пет – десет дена, во тој случај доколку не се каже точно кој добавувач е проблемот, бидејќи во последно време слушаме дека добавувачите се проблем, ќе се распоредиме пред сите институции што значи ќе нè има пред Влада, пред Министерство, пред Онкологија, ќе нè има секаде и ќе нè има пред сите дистрибутери, или во спротивно да знаеме кои се дистрибутерите кои прават проблеми, да бидеме кај нив и да можеме и со нив да разговараме да ни кажат кои се проблемите со коишто можеби тие се соочуваат за пациентите на Онкологија да добиваат навремена терапија".

Од Клиниката вчера соопштија дека кај мал дел од препаратите од позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување било евидентирано „краткотрајно доцнење во испораката“, што го поврзуваат со повеќе фактори — зголемена потрошувачка, поголем број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки и делумен недостиг кај дистрибутерите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи