„Зелен хуман град“: Да се објават „експертите“ со кои се консултирал министерот Андоновски
Иницијативата бара имиња на „експертите“ и го доведува во прашање оправдувањето за изградба на дата‑центри поради трошоците врз еколошките ресурси.

Иницијативата „Зелен хуман град“ побара министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и Министерството да ги објават имињата на т.н. „експерти“ со кои, според нив, се консултирал за одлуката да ги поддржи проеките за изградба на дата-центри, откако, како што наведуваат, неговите изјави ги навредиле еколошките здруженија и македонската јавност.
Од „Зелен хуман град“ реагираат на изјавите што Андоновски ги дал на прес‑конференција, посочувајќи дека тој, како што го формулирале, „се консултирал со многу експерти и сите до еден му препорачале да отвори дата – центри“. Иницијативата додава дека министерот ги нарекол загрижените еколошки здруженија и граѓани „ширачи на теории на заговор, кои создавале општествена хистерија“.
ООН‑извештај и стравувања за локалните капацитети
Иницијативата го истакнува последниот извештај на ООН (Организација на обединетите нации), според кој дата‑центрите трошат енормни количини на струја и вода. „Тоа се клучни ресурси кои Македонија, гледајќи ја само ситуацијата во Гостивар, нема инфраструктурни капацитети да ги задоволи,“ посочуваат од „Зелен хуман град“.
Тие наведуваат и предвидувањето на ООН дека до 2030 година дата‑центрите ќе генерираат околу 2.5 милиони тони електронски отпад, што организацијата го користи за да ги нагласи далекосежните еколошки трошоци.
Иницијативата ги повикува институциите на транспарентност со цел граѓаните да знаат „кои се виновниците зошто водата им е кафена, сметките за електрична енергија покачени а квалитетот на живот уште толку урнисан.“ „Зелен хуман град“ нагласува дека вакви одлуки мора да ги донесе јавноста врз основа на научни и статистички факти.
Организацијата потсетува дека многу поразвиени држави воведуваат мораториуми за изградба на дата‑центри поради нивните разорни последици и предупредува да не се дозволи Македонија да се претвори во депонија за загадувачки бизниси. Во својата изјава „Зелен хуман град“ пишува: „Македонија е прекрасна земја, наша земја за која нашите претци со векови се бореле против многубројните окупатори и буквално гинела за татковината. Ќе им дозволиме ли сега молкум на нео‑колонијалистите и нивните вазали да продолжат да ја пустошат нашата татковина, лажејќи нè во лице дека е за наше добро, за некој си развој? НЕ за дата‑центри! Македонија ќе биде нео‑колонијалистичка депонија само преку нас мртви!"
„Зелен хуман град“ повторно побара Министерството да ги именува експертите кои, според тврдењата на Андоновски, ја поддржале изградбата на дата‑центри, и заклучи дека во Македонија не смее да има такви објекти поради нивното влијание врз животната средина и населението.
Фото: Зелен хуман град