Почетна
Македонија

Земјоделци најавуваат протест: Националната земјоделска мрежа бара итна заштита

НЗМ вели дека состојбите во аграрот достигнале критична точка; протестот е закажан за среда.

·Македонија
Земјоделци најавуваат протест: Националната земјоделска мрежа бара итна заштита

Земјоделците во Северна Македонија најавија протест, порачувајќи дека катастрофалните состојби во сите сектори на аграрот достигнале критична точка од која нема враќање назад. Националната земјоделска мрежа ја повика јавноста и јавните институции и соопшти дека протестот е закажан за среда.

Во разговор за ТВ 24 претседателот на мрежата, Ѓорѓи Каракашев, оцени дека земјоделците се оставени на милост и немилост на доминантните трговци кои откупуваат по минимални цени, додека производите на пазарите се продаваат по значително повисоки цени.

Ѓорѓи Каракашев – Претседател на Национална земјоделска мрежа

„Ние имаме некоја производна цена што можеме и да ја докажеме од 26 денари по килограм производна цена на пиперка, од друга страна откупот се движи од 15 до 20 денари, а сведоци сме дека на пазарите пиперка нема да купиме помалку од 40-50 денари, значи некој дебело профитира на грбот на земјоделците односно на грбот на граѓаните. Тука како главен виновник може слободно да ја посочиме државата бидејќи тие механизми на контрола не се во функција и се нема тој функционален капацитет да се изменаџира и ние како земјоделци сме најоштетени во тој процес"....

Опозиционата СДСМ ги обвини властите за поразителни политики. Денеска, од Светиниколско, претседателот на партијата Венко Филипче повторно ја повика Владата да го поддржи предлог-законот на опозицијата за помош на земјоделците.

Венко Филипче – Претседател на СДСМ

„Разговаравме за нашите предлози во Собранието, предлог Закон за зголемување на минималната плата од 600 евра и предлог Закон за поддршка финансиска во оваа криза во која се наоѓа земјоделството, за што се надевам дека оваа ненародна, криминална, корумпирана и антимакедонска власт навистина ќе излезе во пресрет и ќе даде поддршка, односно дека барем еднаш во овој изминат период ќе го слушне гласот на народот "

Властите, пак, истакнуваат дека 2024 и 2025 година биле години на силен раст на извозот на земјоделски производи, со резултати што се издвојуваат во споредба со извозните остварувања во изминатите 15 години.

Постоечки тенденции и долгорочни проблеми

Според земјоделците, состојбите се таложат подолг временски период: намалуваат површините на кои се произведува храна, во континуиран пад е и сточниот фонд, а откупните цени и недостатокот од долгорочна државна стратегија се наведуваат како клучни причини за кризата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи