Почетна
Македонија

Земјоделци од Пелагонија најавуваат протест поради неисплатени субвенции и пад на цената на млекото

Земјоделците ќе блокираат дел од патот Битола–Прилеп и бараат исплата на заостанатите средства и дополнителна поддршка.

·Македонија
Земјоделци од Пелагонија најавуваат протест поради неисплатени субвенции и пад на цената на млекото

Расте револтот меѓу земјоделците и сточарите во Пелагонија поради одложените плаќања и влошената состојба во секторот. Тие предупредуваат дека финансиски се исцрпени и дека производството е пред колапс.

Земјоделците го критикуваат и падот на откупната цена и зголемените трошоци

Сточарите велат дека сѐ уште не им е исплатена премијата за предаденото млеко за 10 месеци, ниту субвенциите по грло добиток за ланската година, додека откупната цена на млекото континуирано се намалува.

"Субвенциите за литар предадено млеко за шест месеци од 2025 и за првите четири месеци од 2026 не ни се исплатени. Исто така бараме за секој откупен литар млеко оваа година да добиеме дополнителни четири денари субвенција, бидејќи цената на млекото падна на граница која сточарите не можат да ја издржат," вели сточарот Борче Бучински.

Реагираат и на изјавата на министерот за земјоделство Борче Серафимовски, кој одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека годинава се реализирани околу 90 проценти од средствата предвидени за финансиска поддршка во земјоделството.

"Млеко неисплатено година и половина, пиперки неисплатени, а предадени, пчеларство неисплатено, јаболкопроизводителите неисплатени. Дали е тоа само 10 проценти неисплатено, како што вели министерот, дека исплатени се 90 проценти од субвенциите, прашувба Миле Ќебакоски, од здружението Фармери Југозапад ."

Земјоделците предупредуваат дека, покрај заостанатите субвенции, дополнителен удар се и повисоките трошоци за производство. "Штетата со покачувањето на нафтата е огромна. Есенската сеидба е на прагот, а никој не размислува да почне, да не зборуваме за семенскиот материјал, ѓубривата," вели Тони Петковски од „Пелагониско поле“.

Поради незадоволството, земјоделците и сточарите од Пелагонија најавија протест за 30 септември кај Тополчани, каде што ќе го блокираат патот Битола–Прилеп час и половина. Главните барања се исплата на заостанатите субвенции и поголема поддршка за земјоделското и сточарското производство.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи