Почетна
Македонија

Земјоделците ги прилагодуваат смените поради топлотниот бран

Земјоделците почнуваат да работат пред изгрејсонце и се враќаат попладне за да го избегнат топлотниот бран што донесе температури до 40°C.

·Македонија
Земјоделците ги прилагодуваат смените поради топлотниот бран

Објавено: 12 Август, 2026 07:40 — Земјоделците низ целата земја ја прилагодуваат работната рутина поради актуелниот топлотен бран, излегувајќи на нивите пред изгрејсонце и повлекувајќи се за време на најжешките часови.

Многу земјоделци велат дека почнуваат да работат во 5 или 6 часот наутро и се враќаат дома околу 10:00 за да го избегнат високото ниво на УВ зрачење, а попладне повторно излегуваат на работа. „Околу 5 часот излегуваме и до 10 часот си работиме, а после 10 часот си одиме дома. Потоа, во 17 или 18 часот попладне излегуваме и работиме до 21 часот. Треба да се внимава, мерките треба да ги практикуваме, а не и стари и млади да мислиме дека тоа ќе го поднесеме. Повеќето земјоделци бегаат дома штом ќе затопли“, вели Верица Ѓошевска, земјоделец.

Постарите лица и оние со здравствени проблеми посебно внимаваат и се повлекуваат во најтоплите часови, при што ги извршуваат потешките работи рано наутро или навечер. „Внимаваме, но работата некогаш нѐ тера да работиме и на топлотен бран. Наутро почнуваме во 5 часот. Ние сме навикнати да стануваме рано. Работиме до 11 или до 12 часот, ако имаме работа. Попладне работиме од 16 часот до 21 часот, на стемнување ја собираме робата“, рече Станка Пиригова, земјоделец.

Земјоделците објаснуваат дека носат шешири или капи, одат да работат навечер и пијат повеќе течности. „До 9 или 10 часот најдоцна работиме со сопругата и си одиме дома, а наутро почнуваме во 6 часот или во 5.30 часот. Попладне излегуваме по 17 и остануваме до 20 часот. Немам потреба подолго да седам на нива“, кажа Ванчо Мусајски, земјоделец. „Зависи кој како е со здравјето, а јас имам 75 години, оперирана сум, мене жештината ми пречи и затоа подобро ќе работам навечер отколку на топло“, вели друга жена.

Совети за заштита и здравје

Институциите редовно апелираат граѓаните да не излегуваат помеѓу 11:00 и 17:00. Институтот за јавно здравје препорачува разликата меѓу климатизираните простории и надворешната температура да не биде голема — ако надвор е 39°C, клима уредот да биде поставен на околу 25°C за организмот да може да се прилагоди при излегување на отворено. Температурите достигнаа до 40°C, а најтопло беше во Демир Капија и во Гевгелија.

Во однос на исхраната и здравјето, се советува внесување помалку мрсна и високо-калорична храна, избегнување на продукти со големо количество шеќери, земање на терапијата во најавремените термини, носење лесна облека и редовно пиење течности. Земјоделците и градежниците се меѓу најпогодените групи за време на топлотните бранови, па затоа многумина ги менуваат смените и работат во поладните часови за да го намалат ризикот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи