Почетна
Македонија

Зголемените трошоци и суши го намалуваат земјоделското производство

Земјоделците вложуваат повеќе, но приноси опаѓаат поради недостаток на вода, високи температури и поскапување на влезните трошоци.

·Македонија
Зголемените трошоци и суши го намалуваат земјоделското производство

Она што до пред неколку години изгледаше како исклучок, сè почесто станува дел од земјоделската сезона: периоди без доволно вода, високи температури и нагли промени на времето директно влијаат врз растот и квалитетот на културите. За производителите тоа значи повеќе вложувања, а не секогаш и поголем принос.

„ Покрај тоа што самиот земјоделски производител има проблем со пласманот на своите производи, јас многу пати сум го рекол претходно тоа, дека најголемиот проблем во своето производство го има баш во климатски фактори бидејќи сведоци сме веќе се помалку имаме водни количини коишто во текот на целото производство му се потребни на самата култура, меѓутоа исто така ќе се соочиме и со доста високи температури, кои ќе влијаат штетно на самото производство така што мора да бара начин како и што понатаму,“ смета Ристо Велков, агроном и земјоделец.

Повеќе трошоци, помали или полоши приноси

Дел од родот се губи, дел излегува со послаб квалитет, а трошоците за наводнување и заштита растат. Така расте притисокот врз маржите и се појавуваат дилеми дали сегашните производни практики можат да останат одржливи.

Земјоделците веќе бараат технички и агрономски прилагодувања: заштитни мрежи, поефикасни системи за наводнување, промена на сортите и избор на култури кои подобро ги поднесуваат новите услови. „Би требало да се адаптира во тоа што го бараат самите климатски фактори. Така што и самиот производител треба да се адаптира во тој начин на производство,“вели Ристо Велков, агроном и земјоделец.

Климатските промени се поврзуваат и со начинот на производство и употреба на енергијата. „Согорувањето на фосилните горива, особено јагленот и фосилниот гас, е значаен извор на емисии што ги поттикнуваат климатските промени. Затоа, преминот кон чиста енергија е важен и за иднината на земјоделството и локалните заедници. Праведната транзиција значи постепено напуштање на јагленот, избегнување нова зависност од фосилен гас и инвестиции во обновливи извори, нови работни места и поддршка за луѓето и регионите погодени од транзицијата. Со навремено и добро планирање, можеме да го намалиме климатскиот ризик и истовремено да создадеме поотпорни локални економии,“ велат од Еко свест.

Иако земјоделците се прилагодуваат од сезона во сезона, нивите не можат бесконечно да ги надоместуваат последиците од сушата, високите температури и нестабилното време. Брзината на прилагодувањето на земјоделството, енергетиката и државните политики ќе влијае колку ќе поскапи храната и дали производството ќе остане одржливо.

Напишала: Сузана Мицева

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи