Почетна
Македонија

Жителите на Пчиња и Студена Бара ја блокираа депонијата „Краста“ поради шестмесечен чад

Жителите го запреа изнесувањето на сметот од Куманово и бараат локалните и државните институции да го изгаснат пожарот и да го решат проблемот.

·Македонија
Жителите на Пчиња и Студена Бара ја блокираа депонијата „Краста“ поради шестмесечен чад

Стотина жители на селата Пчиња и Студена Бара утринава го блокираа патот кон депонијата „Краста“, сопирајќи ги возилата што го носат отпадот од Куманово. Протестот е реакција на постојаното чадење и загадување на животната средина, кое според жителите трае повеќе од шест месеци.

Протестантите најавија дека нема да дозволат ЈП „Чистота и зеленило“ да го истовара ѓубрето на местото додека надлежните локални и државни институции не преземат конкретни мерки да го изгаснат пожарот и да го отстранат проблемот.

Барања за итна интервенција

Тие ги повикаа Општина Куманово, ЈП „Чистота и зеленило“ и другите одговорни институции да го решат долготрајниот проблем. Организаторите велат дека нивните усни и писмени апели биле игнорирани, поради што останале принудени да ја блокираат пристапната патека до депонијата.

„Блокадата на депонијата 'Краста' е изнуден одговор на шестмесечната голгота со постојаното загадување на воздухот што го дишеме поради горењето на депонијата, која е во близина на нашите домови. Оваа блокада е резултат на глувоста на Општина Куманово, ЈП 'Чистота и зеленило', како и на другите институции, кои и покрај сите наши апели, усни и писмени, останаа глуви и не презедоа ништо за да се изгасне пожарот на депонијата“, кажа претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски.

Локалните претставници предупредија дека блокадата ќе трае додека не добијат јасен план за гасење на пожарот и за мерки што ќе спречат повторно самозапалување, посочувајќи на ризиците по здравјето и животната средина за населбите во близина.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи