Почетна
Македонија

ЗНМ бара МВР итно да постапи по заканите упатени кон Ерол Ризаов

Здружението вели дека коментари на јавната Фејсбук-страница на колумнистот содржат повици за насилство и етнички навреди и бара зачувување на електронските докази.

·Македонија
ЗНМ бара МВР итно да постапи по заканите упатени кон Ерол Ризаов

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побара од Министерството за внатрешни работи да постапи по, како што оценува, директните закани и етнички засновани навреди објавени во коментари на официјалната Фејсбук-страница на колумнистот Ерол Ризаов.

Во ургентното барање до МВР, ЗНМ истакнува дека дел од коментарите содржат експлицитни повици за физичко насилство и смрт. Во реакцијата на здружението се наведени примери од содржината на коментарите: ‘дали ќе се најде јунак на ова ѓубре подсекушка како ќосето со камата да расчисти’, како и: ‘Нема ли кој да го реши Ерол на експресен начин?!’. ЗНМ додава дека во поединечни пораки се упатувани и етнички навреди кон Ризаов.

Здружението очекува МВР итно да ги обезбеди и зачува електронските докази, да ги утврди идентитетите на лицата кои стојат зад профилите и да процени дали во конкретниот случај постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување или повикување на насилство и говор на омраза.

ЗНМ предупредува на сериозноста на онлајн заканите

„Бараме, доколку се утврдат такви елементи, случајот без одлагање да биде доставен до надлежното јавно обвинителство. Заканите кон новинарите поради нивната работа се сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да се игнорираат. Од исклучителна важност е во вакви ситуации институциите да реагираат навреме и да спречат заканите да прераснат во насилство“, стои во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ неодамна го презентираше годишниот извештај „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2025“. Наодите покажуваат подобрена институционална реакција во дел од случаите на физички напади, но здружението укажува дека онлајн заканите, говорот на омраза, јавното дискредитирање, економската несигурност и недоволната ефикасност во борбата против неказнивоста остануваат сериозни предизвици. ЗНМ предупредува дека онлајн нападите врз новинарите често остануваат неказнети, а новинарките се сè почеста цел на сексистичко вознемирување.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи