АХВ ја забрани пиењето од природната чешма во Башино Село
Забраната следи анализи од Центарот за јавно здравје Велес; за повторно користење потребни се три последователни исправни анализи.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја забрани употребата на водата од природната чешма во Башино Село за пиење. Од чешмата вода земаат и бројни семејства од Велес.
„Поради утврдена неправилност, водата не смее да се користи за пиење сè до укинување на забраната од страна на надлежниот орган. Ги повикуваме граѓаните доследно да ја почитуваат изречената забрана“, соопштија од локалната самоуправа.
На чешмата е поставена табла со известување за забраната, а од општината најавија дека јавноста ќе биде известена по добивањето официјална потврда дека водата е безбедна за употреба.
Испитувањата на ЦЈЗ Велес
Центарот за јавно здравје Велес ги објави резултатите од анализата на примерокот земен од чешмата на 24 јули. Во извештајот стои: „Испитаниот примерок на водата не одговара на законските и стручните прописи за бактериолошка анализа поради зголемен вкупен број бактерии во еден милилитар. Со оглед дека станува збор за природна чешма која има непостојан квалитет на водата, истата не може да се смета за сигурен и безбеден извор за водоснабдување на населението. Потребно е да се изврши санација на објектот и околината и да се воспостави редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење“.
Од четирите примероци на вода земени од чешмата во центарот на Башино Село годинава, три беа исправни: на 2 јануари, 27 април и 9 јуни, додека последниот примерок покажа дека водата е неисправна.
За водата повторно да биде дозволена за пиење, таа треба да биде здравствено исправна во три последователни анализи. Минатата година чешмата била испитувана осум пати, при што во три наврати биле утврдени неисправни резултати, што според стручните лица укажува на непостојан квалитет и не ја прави чешмата препорачлив извор за постојано снабдување.
Фото: СДК.МК)