Почетна
Политика

Албански пратеници го бојкотираа чествувањето на независноста на Украина во Собранието

Десетина албански пратеници и претседателот на Собранието отсуствуваа од обележувањето откако Зеленски во Белград рече дека Киев нема да ја признае независноста на Косово.

·Политика
Албански пратеници го бојкотираа чествувањето на независноста на Украина во Собранието

Десетина пратеници од албанската етничка заедница не присуствуваа на сесијата во Собранието со која се одбележаа 35 години независност на Украина, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски даде изјава при посетата на Белград што ја разбранува регионалната јавност.

Ниту еден од пратениците со албански етнички идентитет во Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа не беше присутен на настанот. Во групата, која брои 41 пратеник од сите парламентарни партии, околу 10 се Албанци или припадници на помалите заедници.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, кој е и претседател на Интерпартиската група, исто така не присуствуваше; воведно обраќање имаше потпретседателот на Парламентот Антонио Милошоски. Украинската амбасадорка во земјата Лариса Дир лично им се заблагодари на Гаши и на Милошоски што настанот се одржа во Собранието.

Некои амбасадори што учествуваа на сесијата забележаа отсуство на албанските пратеници. Сè уште не е јасно дали станува збор за организиран бојкот или, како што некои од пратениците изјавија, за отсуство поради одмор или затоа што не биле известени за настанот.

Реакции по изјавата на Зеленски во Белград

Причината за незадоволството ја врзуваат со изјавата на Зеленски при посетата на Белград, во која тој повтори дека Киев нема да ја признае независноста на Косово. Тоа ја налути Приштината и предизвика симнување на големо украинско знаме кое беше поставено на висококатница во главниот град на Косово како симбол на поддршка за Украина.

Ријад Шаќири, пратеник од Алијансата за Албанците, потврди дека намерно ја бојкотирал сесијата. „Во истиот момент кога украинскиот претседател Зеленски се изјасни дека Косово е во составот на Србија, не може да ја има нашата поддршка. Во знак на протест решив да не дојдам на сесијата за независноста на Украина во Собранието, ниту, пак, во иднина ќе учествувам на каква било манифестација и одбележување во врска со Украина“ – ни изјави Шаќири.

Од владејачката партија Вреди, покрај претседателот на Собранието Гаши, на сесијата не присуствуваа ниту Калтрина Беќири и Саранда Имери Стафа. Од партијата велат дека изјавата на Зеленски им оставила горчлив вкус; тие ја поддржуваат каузата на украинскиот народ за слобода и суверенитет, но не ја прифаќаат изјавата за Косово.

Од ДУИ изјавија дека нивните пратеници биле на одмор и дека нема намера во отсуството да има политичка координација за бојкот: координаторката Рина Ајдари и пратениците Блерим Беџети и Дијана Тоска не беа присутни. Не беше присутен ниту Сали Мурат од партијата на Турците.

И независниот пратеник Илир Демири негира дека намерно ја бојкотирал сесијата: „Не станува збор за бојкот, јас не знаев дека во Собранието ќе се одбележува независноста на Украина и немав покана за сесијата“ – ни изјави Демири.

Антонио Милошоски, кој ја отвори сесијата наместо претседателот на Собранието, рече дека Македонија е солидарна со украинскиот народ. „Го сметаме украинскиот народ за братски народ, но исто така го сметаме и за нераскинлив дел од мозаикот на европските народи. Нашата поддршка не е само политичка, таа е, пред сè, човечка, и поддршката не е само дипломатска, таа е и материјална и морална и со сè она што можеме како држава во рамките на нашите капацитети да ѝ го дадеме на Украина во денешните услови“ – рече Милошоски.

Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа во Собранието на Република Северна Македонија е формирана на 7 октомври 2024 година по иницијатива на претседателот на Собранието Африм Гаши како форум за парламентарни иницијативи поврзани со Кримската платформа и за подигање свест за случувањата во Крим и неговата нелегална анексија од Русија. Создавањето на групата беше претставено како дополнителен видлив доказ за поддршката на Собранието за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Фото: Собрание

Поврзани написи