Бесплатни анатомски ранци и училишен прибор за првачињата во Бутел и Ѓорче Петров
Во Ѓорче Петров 410 првачиња ќе добијат ранци, ужинка и по 3.000 денари, а Бутел дава ранци, комплет училишен прибор и бесплатни униформи — вредност околу 9.000 денари.

Скопските општини и годинава ги олеснуваат трошоците за родители на првачиња со обезбедување на ранчиња, училишен прибор и еднократна парична помош пред почетокот на учебната година.
Во општина Ѓорче Петров информираат дека за 410-те првачиња кои на 1 септември ќе седнат во клупите ќе бидат обезбедени анатомски ранчиња, училишен прибор, бесплатна ужинка и еднократна парична поддршка од 3.000 денари.
„Заедно со нашите другарчиња од градинката „Росица“ – идните првачиња, ги одбравме анатомските ранчиња и училишниот прибор што ќе ги добие секое дете на почетокот на своето училишно патување. Го олеснуваме товарот за родителите и создаваме убав почеток за нашите најмлади,“ рече градоначалникот Александар Стојкоски.
И општина Бутел ќе им испорача квалитетни анатомски ранци и комплет училилен прибор на првачињата, а дополнително ќе обезбеди и бесплатни униформи. Општината ја проценува вредноста на пакетот на околу 9.000 денари кои родителите би ги издвоиле сами.
Пакетот за првачињата во Бутел, покрај висококвалитетниот анатомски ранец, ќе содржи помагало за броеви, блок, дрвени боички, фломастери, пластелин, моливи, тетратка, моливи, острилка и гумичка, соопшти градоначалникот Дарко Костовски.
И годинава, општина Гази Баба ќе додели по 3.000 денари за секое прваче како дел од мерките за поддршка при почетокот на школската година.
Фото: Општина Бутел