Домаќинствата чуваат над 7,5 милијарди евра во домашните банки
Извештајот за монетарни движења за јули: депозити на домаќинствата надминуваат долговите, фирмите повеќе се финансираат со кредити

Домаќинствата имаат повеќе пари депонирани во домашните банки отколку што должат, покажува извештајот на Народната банка за монетарни движења за јули. Штедењето на домаќинствата надминува 7,5 милијарди евра, додека нивните кредити изнесуваат околу 4,8 милијарди евра.
Фирмите се во поинаква ситуација: депозитите на компаниите се приближно 3 милијарди евра, но долгот на фирмите надминува 4,8 милијарди евра, што ја покажува зависноста од кредитирањето за финансирање на деловните активности.
Структура на кредити и валутна распоредба
Скоро 60 отсто од депозитите се во денари, а две третини од кредитите се во денари; околу една третина од средствата е во странска валута. Кај фирмите таа поделба е поизразена, а кредитите растат побрзо од заштедите, особено во корпоративниот сегмент.
„Фирмите најчесто земаат кредити за финансирање на одреден проект и во голема мера, по добивањето на кредитот, фирмите ги исплаќаат тие средства кон нивните добавувачи, додека кај граѓаните тоа не е случај. Граѓаните едноставно штедат голем дел од средствата коишто ги имаат и најчесто кредитите кои ги земаат се наменски – дали се станбени или потрошувачки кредити“ , вели економскиот аналитичар Александар Талимџиоски.
И покрај растот на кредитирањето, банките во земјата остануваат поконзервативни и не даваат кредити над рамките на своите депозити. Процентот на ненаплатливи кредити останува низок: во земјава е под 3 проценти, додека во земјите од регионот се движи од 3 до 4,5 проценти.
Податоците за јули покажуваат и дека во текот на месецот се зголемиле станбените и потрошувачките кредити кај граѓаните, додека долговите по кредитни картички и минусите на тековни сметки бележат пад.
Фото: прес-материјал од настанот