Почетна
Македонија

Државниот инспекторат ќе го испитува случајот на Љубица Шавреска која го загуби плодот по третирање во неколку болници

Министерството за здравство побара вонреден надзор и најави формирање комисија за стручен надзор над учествувалите здравствени работници.

·Македонија
Државниот инспекторат ќе го испитува случајот на Љубица Шавреска која го загуби плодот по третирање во неколку болници

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го испита работењето на здравствените установи во случајот на трудница која тврди дека го загубила плодот откако била префрлувана меѓу неколку клиники и болници.

Медицинската сестра Љубица Шавреска во објава на Фејсбук опиша дека со болки во 24-та гестациска недела дала пријава во болница во Охрид, подоцна во Струга, а по влошување била упатена во клиника во Скопје. Според нејзиниот опис, лекувањето завршило со губење на плодот во приватна клиника и таа го обвинува здравствениот систем дека ја зголемил траумата.

Министерството наредило вонреден надзор

„Свесни за тежината на искуството на пациентката и со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности, Министерството веднаш иницираше барање до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведување надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот. По спроведениот вонреден инспекциски надзор од страна на ДСЗИ, Министерството за здравство ќе формира комисија за стручен надзор над работата на здравствените работници кои учествувале во лекувањето на пациентката.“

Од министерството посочуваат дека доколку се утврдат пропусти, ќе постапат согласно законот. Одлуката за барање на надзор до ДСЗИ следува по виралната објава на Шавреска на социјалните мрежи.

Во својата објава, Шавреска наведува дека не бара ниту сожалување, ниту одмазда туку одговори и промени: „Заврши мојата бременост. Но, начинот на кој се однесуваше системот придонесе оваа загуба да биде многу потешка и многу потрауматична отколку што мораше да биде. Не барам сожалување. Не барам ниту одмазда. Нема да ги тужам. Но имам право да зборувам. И имам право да прашам: Дали вака треба да изгледа здравството во кое десет години и самата јас служам? Дали една бремена жена мора да крвари, да трпи неподносливи болки и да моли за помош за некој да ја сфати сериозно?“

На крајот од пораката, таа побара систем во кој никој нема да мора да бара привилегија за да биде спасен, потсетувајќи дека зад секој пациент стои човек, зад секоја трудница стои мајка, а зад секоја бременост стои еден цел свет.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи