Експерт од соседна држава ќе се вклучи во комисијата за случајот на Михајлова
Државниот инспекторат изврши вонредни контроли во три здравствени установи, а во комисијата ќе биде вклучен и експерт од соседна држава.

Министерството за здравство на 06.08.2026 информира дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вонредни инспекциски надзори во здравствените установи каде што пациентката С.М. била прегледувана, породена и понатаму лекувана.
- Надзорите беа спроведени во Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетска клиника за неврологија. Инспекторите извршија увид во здравствената евиденција и медицинската документација, а беа земени и изјави од здравствените работници вклучени во третманот.
Назначена е комисија за стручна проценка
Имајќи ги предвид сериозните здравствени компликации на пациентката, министерството донесе решение за спроведување стручен надзор над целокупниот тек на нејзиното породување и натамошно лекување. Во составот на комисијата ќе има лекари специјалисти по неврологија, анестезиологија, гинекологија, радиологија и неврохирургија.
- Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна процена, министерот за здравство побара во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава. Тој ќе учествува во разгледувањето на целокупната медицинска документација на пациентката и во изготвувањето на стручното мислење за преземените дијагностички и терапевтски постапки.
Во медиумските написи и иницијативите кои се појавија во јавноста, пациентката е идентификувана како 19‑годишната Станка Михајлова од Струмица, која по породување со царски рез се соочува со сериозни здравствени последици и моментално користи инвалидска количка. Нејзиниот случај предизвика реакции од повеќе здруженија кои побараа правда и решение.
Министерството најави дека по завршувањето на стручниот надзор ќе ја информира јавноста за наодите и заклучоците.
Фото: прес-материјал од настанот