Почетна
Македонија

ЕУ ќе обезбеди дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Северна Македонија, рече Михалис Рокас

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје кажа дека средствата доаѓаат дополнително врз веќе иницираните речиси 65 милиони евра.

·Македонија
ЕУ ќе обезбеди дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Северна Македонија, рече Михалис Рокас

Европската Унија ќе обезбеди дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Северна Македонија, покрај речиси 65-те милиони евра кои претходно беа издвоени, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, на јавна панел-дискусија.

Рокас настапи на дебатата насловена „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, што ја организираа Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“. Тој ги објасни инструментите преку кои ЕУ ја поддржува патната, железничката, енергетската и дигиталната поврзаност во државата.

Паричните влогови во безбедност и поврзаност

„Затоа сакаме да понудиме одговор и во сферата на безбедноста. Токму затоа, преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност“, кажа Рокас.

Евроамбасадорот нагласи дека одговорот на ЕУ и на Владата кон актуелните предизвици е сеопфатен, бидејќи поврзаноста, економската стабилност и безбедноста се меѓусебно зависни. „Се обидуваме на сите овие прашања да гледаме низ иста призма“, додаде тој.

Рокас потсети дека поддршката за инфраструктурна поврзаност почнува уште од 2007 година и доаѓа преку повеќе финансиски механизми: преку Инструментот за претпристапна помош биле издвоени 1,2 милијарди евра, дополнителни 1,8 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и 750 милиони евра преку Планот за раст на Европската Унија, кој се спроведува преку Реформската агенда. Тој посочи дека поддршката ги покрива патната и железничката инфраструктура, но и енергетското и дигиталното поврзување, како и техничката помош потребна за реализација на проектите.

Како причина за вложувањата Рокас ја посочи посветеноста на ЕУ на европската интеграција на земјата. „Силно сме посветени на тоа Северна Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. Но, ова влијае и врз нас и е многу важно за нас. Не станува збор само за фактот дека два витални коридора, Коридорот 10 и Коридорот 8, се вкрстуваат на само малку растојание од Скопје. Причината е и тоа што сме свесни дека денес имаме синџири на вредности и дека дури и ако се наруши само еден мал дел од нив, тоа влијае врз сите нас“, рече тој.

Во поглед на поширокиот геополитички контекст, Рокас оцени дека светот се соочува со голема неизвесност: војни и конфликти — од руската агресија врз Украина, преку конфликтите на Блискиот Исток, до војните на африканскиот континент, вклучително и во Судан и Мали — ги нарушуваат трговијата и транспортните рути, ги зголемуваат цените и создаваат притисок врз домаќинствата. „Извинете, тоа е поради војните, мора да најдете решенија“, истакна Рокас, нагласувајќи дека соработката и поврзувањето се неопходни за градење отпорност и обезбедување стабилност.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи