Почетна
Политика

Европскиот фронт побара анкетна комисија за инцидентот со Иван Стоилковиќ

Европскиот фронт бара Собранието да формира анкетна комисија поради настанот во кој, како што тврдат, член на владата навредувал пратеници.

·Политика
Европскиот фронт побара анкетна комисија за инцидентот со Иван Стоилковиќ

Група пратеници од Европскиот фронт поднесе предлог-одлука до Собранието за формирање анкетна комисија со цел утврдување на сите факти и околности поврзани со сериозниот инцидент кој се случил во просториите на Собранието, при што, како што наведуваат, член на владата употребил навредлив и понижувачки говор кон пратениците.

Во соопштението се наведува и дека ДУИ ќе поднесе барање за анкетна комисија за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.

Што треба да утврдува комисијата

Според предлогот, анкетната комисија треба да ја разгледа хронологијата на настанот, однесувањето на сите вклучени лица, постапувањето на институциите и на службите на Собранието, како и да утврди дали се повредени достоинството на Собранието, правата на пратениците и принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото.

„Собранието е највисок претставнички орган на граѓаните и темелниот столб на парламентарната демократија. Тоа треба да биде простор на демократски дијалог, институционална почит и парламентарна култура. Секое однесување што го нарушува достоинството на пратениците и авторитетот на Собранието претставува директен удар врз демократските институции и не смее да остане без политичка и институционална одговорност“, се вели во соопштението на Европскиот фронт.

Од таму посочуваат дека особено важно прашање е и одбивањето да се овозможи пристап до снимките од официјалниот систем за видеонадзор на Собранието. „Имајќи предвид дека инцидентот се случил при вршење јавни функции и вклучува државни функционери, постои јасен јавен интерес сите релевантни докази да бидат предмет на институционална проверка. Затоа, анкетната комисија треба да утврди и дали ова одбивање било во согласност со законот, Деловникот на Собранието и стандардите на институционална транспарентност“, велат од Фронтот.

„Целосното расветлување на овој случај е во функција на враќање на довербата на граѓаните во демократските институции и обезбедување европски стандарди на јавна одговорност. Затоа, ги повикуваме сите пратеници, без оглед на политичката припадност, да ја поддржат оваа иницијатива. Гласањето за формирање на анкетната комисија не е гласање за политички субјект, туку гласање за транспарентност, вистина, отчетност и заштита на авторитетот на Собранието“, додаваат од Европскиот фронт.

Заштитата на личните податоци го заштити Стоилковиќ од јавен срам.

Фото: Фејсбук

Поврзани написи