Филипче: Намерно го блокиравте европскиот пат — кој, премиере, е крив за сè ова?
Признавте дека протоколите не биле дел од преговарачката рамка — сега нема повеќе оправдување, порача лидерот на СДСМ до Мицкоски

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во Собранието го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека намерно го блокирал европскиот пат на државата, а потоа признал дека тезите со кои години наназад ја убедувал јавноста не биле вистинити.
„Обвинувавте, ги делевте луѓето на патриоти и предавници. Велевте дека протоколите се дел од преговарачката рамка, дека ние не преговараме со Европа туку со Бугарија, дека се загрозени јазикот и идентитетот. За пред некој ден да признаете — и вие и министерот за надворешни работи — дека сето тоа што сте го зборувале не било вистина“, рече Филипче.
„Па зарем сега не се потврдуваат нашите тези? Дека намерно не сакате во Европа. Дека намерно го блокиравте европскиот пат“, додаде тој.
Според Филипче, штетата е и надворешнополитичка: „Како сега ќе им објасните на луѓето во Европа, коишто знаат дека не ја кажувате вистината, дека ова не го правите намерно? Го срушивте кредибилитетот на државата. Нема повеќе оправдување — намерно блокиран пат, четири години, од коишто еве вие сте на власт сега.“
Обраќањето заврши со прашањето што ја резимира целата дебата: „Кој, премиере, е крив за овие работи? Јас знам — вие ќе кажете Венко е крив, СДСМ е крива за сè. Меѓутоа граѓаните знаат дека вие ја носите одговорноста за сите овие работи. Но сакам тоа да го слушнам од вас: кој, премиере, е крив за сите овие работи во државата?“
Фото: СДСМ / видео запис од Собранието