Филипче: Под радарот работат на францускиот предлог, а кој сред лето оди на екскурзија во Брисел?
Лидерот на СДСМ тврди дека сите ветувања на власта за евроинтеграциите се разоткриени — името нема да го вратат, Преспанскиот договор нема да го поништат, а сега тивко прифаќаат тоа што четири години го нарекуваа предавство

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека владата води разговори за европскиот пат на државата далеку од очите на јавноста и дека тоа е потврда за целосно разоткривање на политиките со кои таа дојде на власт.
„Има веќе најава, веќе има изјава од министерот за надворешни работи дека нешто се работи во однос на европскиот пат под радарот“, рече Филипче, посочувајќи дека граѓаните дознаваат за клучни чекори од изјави, а не од отворен и образложен став на владата.
Според него, ветувањата од предизборниот период едно по друго паѓаат. „Прво, очигледно е дека нема да го вратат името како што ветуваше претседателката Сиљановска Давкова“, рече лидерот на СДСМ.
Фото: СДСМ / видео запис од изјавата
Истото, додаде тој, важи и за најгласното ветување за Преспанскиот договор. „Очигледно е дека нема да го поништат Преспанскиот договор, напротив, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е ремек-дело на европската дипломатија“, рече Филипче, потсетувајќи каква беше реториката на истите луѓе кога бараа гласови.
Најдиректната оценка се однесуваше на францускиот предлог, документот околу кој се водеше најострата политичка борба во претходните години. „Еве, сега под радарот очигледно е дека се работи на прифаќање на францускиот предлог“, изјави Филипче.
Како потврда го посочи најавеното патување на премиерот во Брисел, за кое употреби иронија што кажува повеќе од долга анализа. „Најавената таканаречена екскурзија на премиерот во Брисел е само уште една потврда за тоа. Кој сред лето оди на екскурзија во Брисел?“, праша тој.
Од сето тоа, според Филипче, произлегува заклучок што ја враќа дебатата на четири години наназад. „Ова е само доказ и потврда дека сè што кажуваа е лага, дека е клевета и дека не е вистина дека СДСМ имал предавнички политики“, рече лидерот на СДСМ, оценувајќи дека токму блокадата на европскиот пат во последните години е политиката која на државата ѝ нанесе штета.