Почетна
Македонија

ФЗОМ: Боледувањето се крати од седум на пет дена, 15 дена остануваат кај матичниот лекар

Управниот одбор едногласно ги усвои измените, а правилник за контролори ќе се донесе посебно.

·Македонија
ФЗОМ: Боледувањето се крати од седум на пет дена, 15 дена остануваат кај матичниот лекар

Управниот одбор на Фондот за здравство (ФЗОМ) едногласно ги усвои измените на Правилникот за боледувања: почетниот период по кој ќе се врши реевалуација на боледувањето се намалува од седум на пет дена, додека клучната граница од 15 дена останува во надлежност на матичниот лекар.

Што значат измените

„Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот. Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза“, соопштуваат од ФЗОМ.

Според Фондот, со измените се воведуваат и повеќе конкретни олеснувања за пациентите и за матичните лекари: кај одредени дијагнози нема да биде задолжително упатување на лабораториски испитувања, туку проценка ќе може да направи матичниот лекар, а за други дијагнози се прошируваат временските рамки предвидени со медицинските критериуми.

Исто така, се прошируваат случаите во кои боледувањето може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот — особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, кај лица на болничко лекување и во други оправдани случаи. За хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, за да се избегне непотребно повторување на истите испитувања.

ФЗОМ посочува и дека радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење ќе можат да се прифатат кај бремени жени кога состојбата е потврдена со специјалистички извештај. За определени тешки заболувања ќе се предвидат исклучоци од обврската за консилијарно мислење кај боледувања подолги од 60 дена.

Одлуката за измените ја донесе Управниот одбор на ФЗОМ едногласно. Огнен Чанчаревиќ

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи